Имаме високи надежи дека конечно ќе почнат преговорите на Европската Унија со Албанија и Македонија и тоа уште во текот на француското претседателство со ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир на конференцијата „Бугарски гласови за Европа“, што се одржа во Националниот прес-клуб на БТА во Скопје.
Гир пред учесниците во конференцијата, која е дел од дебатите на Конференцијата за иднината на Европа, нагласи дека институциите на ЕУ се цврсто посветени на унапредување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и истакна дека исклучително ги ценат напорите што ги направиле сите страни за придвижување на овој процес.
– Успехот е во интерес и на оваа земја, на Албанија, а секако и на поширокиот регион и на самата ЕУ – нагласи Гир.
Говорејќи за Конференцијата за иднината на Европа, Гир напомена дека во неа се вклучени и граѓаните во Северна Македоија. Потсети дека делегацијата на ЕУ организирала шест дебати на оваа тема, со фокус на младите луѓе.
– Западен Балкан е Европа, Западен Балкан природно и припаѓа на Европа и уверени сме дека во наш заеднички интерес е да го продолжиме процесот на проширување без натамошни одложувања. Тоа не е само геостратешки приоритет за партнерите во регионот, туку и наш приоритет не само поради војната, туку и поради притисокот кој го гледате во контекст на таа војна и поради долгите историски социјални и економски врски кои не поврзуваат – нагласи евроамбасадорот.
Гир напомена дека е мошне важно да се запаметат корените на ЕУ, од каде се почнало, од каде доаѓаат, додавајќи дека е мошне лесно да се запостават достигнувањата на Унијата – мирот, просперитетот, единствениот пазар, демократските врдности и почитување на различностите, како и самиот процес на проширување.
На конференцијата меѓу другите учествуваше и известувачот на Европскиот Парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, кој напомена дека за Европа е важно да го консолидира своето јадро, но подеднакво е важно и да погледне надвор од нејзините граници, надвор од нејзините 27 земји и да се бараат можности за проширување.
Ќучук додаде дека доколку ЕУ не се осврне на проширувањето кон Западен Балкан, тогаш место неа ќе се вклучат трети сили, бидејќи не постои вакуум простор во меѓународните односи и таков вакуум никој не толерира.
Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, се надоврза дека иднината на Европа не е однапред детерминирана, туку ја креираат оние кои се дел од неа.
Нагласи дека иднината на ЕУ треба да се движи во насока, која се заснова на основните принципи на кои е поставена.
За спорот со Северна Македонија, амбасадоро Ангелов истаскна дека Бугарија сака гаранции од земјава дека Договорот за добрососедство од 2017 година ќе биде почитуван.
Според Ангелов, бугарските барања за нивното малцинство во Албанија се исполнуваат, поради што немаат задршка да и дадат зелено светло на Тирана, но како што кажа, ќе видат дали во тој пакет ќе биде и Скопје.
Организатор на конференцијата во Скопје беше бугарската агенција, БТА, а нејзиниот генералниот директор Кирил Влчев на отворањето на настанот истакна дека ЕУ е насекаде каде што има европски граѓани, додавајќи дека дискусијата е за иднината на Европа, а не разговор за иднината на една или друга земја.