Во најкрвавиот оружен напад во последнава деценија во САД
Нов масакр во американско училиште, во кој се убиени повеќе деца, го потресе светот. Во најкрвавиот оружен напад во последнава деценија во основно училиште во гратчето Јувалди, во американската сојузна држава Тексас, се убиени најмалку 19 ученици и две учителки. Станува збор за Ева Мирелес (44), која работела таму 17 години, и Ирма Гарсија (46), мајка на четири деца и вработена во училиштето цели 23 години. И двете жени биле наставнички во четврто одделение и биле блиски пријателки.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, изјави дека осомничениот 18-годишен Салвадор Рамос, ученик во средно училиште, исто така е мртов, тој бил застрелан од полицијата.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој тукушто се врати од патувањето во Азија, упати емотивна порака до јавноста. Веста ја добил за време на 17-часовниот лет на враќање кон Вашингтон, кога наредил спуштање на знамињата пред сите јавни објекти во земјата на половина копје, во знак на жалост поради масакрот.
– Се надевав кога станав претседател дека нема да морам повторно да го правам ова. Уште еден масакр, овој пат во Увалде, Тексас, во основно училиште. Жртвите се убави, невини, второ, трето и четврто одделение. А колку деца беа присутни и ги гледаа своите пријатели како умираат, како да се на некое бојно поле. Ќе живеат со тоа до крајот на животот – истакна американскиот претседател.
Самиот Бајден загуби две деца, ќерка во сообраќајна несреќа и син од тешка болест. Американскиот претседател го постави прашањето како да му се спротивстават на лобито на индустријата за оружје.
– Вакви масовни пукања ретко се случуваат некаде на друго место во светот. Зошто? Како нација мораме да се запрашаме – кога конечно ќе им се спротивставиме на лобистите за оружје? Време е оваа болка конечно да се претвори во акција – изјави американскиот претседател.
Американскиот Конгрес во повеќе наврати не успеа во обидот да се усвои закон за контрола на оружјето, а блокирањето се припишува првенствено на притисоците од моќното лоби – Националното стрелачко здружение.
Масакрот се одигра во малиот град Јувалди со околу 16.000 жители, со мнозинска заедница на Латиноамериканци, оддалечен околу 137 километри од Сан Антонио, во близината на мексиканската граница.
Осомничениот 18-годишен Салвадор Рамос бил жител на градот, според наводите од Министерството за јавна безбедност во Тексас, тој прво пукал во својата баба, по што вооружен со најмалку една пушка се качил во својот автомобил.
По „спектакуларен“ инцидент влегол во основното училиште, каде што отворил оган во повеќе училници, убивајќи 19 деца и двајца возрасни. Обидот на полицијата да го спречи да влезе во училиштето бил неуспешен, а напаѓачот, опремен со панцир, потоа бил застрелан. Основното училиште во Јувалди има 500 ученици, главно со хиспански корени, а денеска, четврток, требало да биде нивниот последен училиштен ден.
Мотивот за нападот е непознат, полицијата смета дека напаѓачот дејствувал сам. Однесувањето на момчето во последно време било променето, изјавил негов школски другар за „Вашингтон пост“. Момчето живеело кај својата мајка, повремено кај бабата, а во последниот период се однесувало агресивно.
Според Си-ен-ен, Рамос ја застрелал својата баба пред да појде во училиштето. Полицијата соопшти дека неговата баба е хоспитализирана и е во критична состојба.
„Вашингтон пост“ ги цитира неговите пријатели и роднини, кои го опишуваат како осамен 18-годишник што бил „малтретиран поради говорна мана како дете“, страдал од тежок семеен живот и насилно напаѓал врсници и непознати луѓе и со текот на годините. Рамос, наводно, го напуштил училиштето откако редовно бил малтретиран.
Негов пријател изјавил дека неколку дена пред да го изврши крвопролевањето, Рамос му испратил фотографии од огнено оружје и ќесиња полни со муниција. Пријателот изјавил дека контактирале со Рамос, кој бил исмеван постојано поради неговата облека и финансиската состојба.
– Го прашав: „Што ќе ти е ова?“, а тој ми рече: „Не грижи се за ова“. Тој потоа продолжи да ми испраќа пораки: „Сега изгледам сосема поинаку. Нема да ме препознаете“ – изјави за Си-ен-ен пријателот на Рамос, кој сакал да остане анонимен.
Во САД редовно се случуваат смртоносни напади со оружје, а зачестено се погодени училиштата. Според податоците на тамошниот Центар за контрола на болести и превенција (ЦДЦ), во 2020 година се пријавени 19.350 убиства со огнено оружје, што е речиси 35 проценти повеќе во однос на претходната година.
Нападот во Јувалди е најсмртоносниот напад врз училиште во САД во речиси една деценија, по пукањето во училиштето „Сенди Хук“ во 2012 година во Конектикат, во кое загинаа 26 лица, вклучувајќи и 20 деца на возраст од пет до шест години.
Според студија објавена во април, смртните случаи од огнено насилство сега се водечка причина за смрт кај американските деца и тинејџери, надминувајќи го бројот на сообраќајни несреќи.
Најкрвавите убиства во американските училишта
Шефот на полицијата во Јувалди објави дека ова е најкрвавото злосторство во историјата на училиштата во Тексас во последните 56 години. Во САД има само четири такви злосторства пред овој масакр, од кои три се случија пред 15 години.
14 февруари 2018 година – Паркленд, Флорида (17 загинати, 17 повредени)
Деветнаесетгодишниот Николас Круз, поранешен ученик во средното училиште „Стоунмен Даглас“, бил избркан од училиште поради неговото однесување. Пукал кон студенти и ученици од автоматско оружје откако го вклучил алармот за пожар. Загинаа 17 лица, а исто толку беа повредени. Општиот хаос го искористил и глумел дека е еден од учениците и мирно го напуштил училиштето. Подоцна бил фатен во станбена населба додека се враќал дома. Тој беше обвинет за обид за убиство, а пред судот ја призна вината. Конечната пресуда сѐ уште се чека.
1 август 1966 година – Остин, Тексас (18 убиени, 31 ранет)
Долго време овој случај беше најлошиот во историјата на Тексас. Сѐ до денес. Тогаш 25-годишниот студент по машинско инженерство и поранешен маринец Чарлс Витман се искачи на кулата на Универзитетот во Тексас. Во неа убил три лица, а од врвот пукал и убил 12 лица, а ранил 31 лице. Сето тоа траело 96 минути до доаѓањето на полицијата, која на крајот го убила. Тој претходно ги убил сопругата и мајка си во нивните домови.
14 декември 2012 година – Њутаун, Конектикат (28 убиени, двајца ранети)
Дваесетгодишниот Адам Ланза убил 27 луѓе, а потоа и себеси во основното училиште „Сенди Хук“. Прво ја убил мајка си во куќата, а потоа го зел оружјето и отишол во своето поранешно основно училиште. Убил 20 првачиња на возраст од шест и од седум години, заедно со шест возрасни лица, од кои четворица наставници, директор и психолог. Се самоубил кога полицијата пристигнала во училиштето.
16 август 2007 година – Блексбург, Вирџинија (33 убиени, 17 ранети)
Дваесет и тригодишниот студент Сеунг-Хои Чо уби 32 студента и членови на факултетот во два одвоени напади на кампусот во Вирџинија Тек, по што се самоуби. Прво убил еден ученик во една соба, а потоа уште еден што дошол да помогне. Два часа подоцна отишол на факултетот каде што направил барикада пред влезот, по што пукал во неколку училници.
Подготвил: Марјан Велевски