Долгорочно гледано, Македонија треба да биде дел од Европската унија, смета бугарскиот премиер Кирил Петков, додавајќи дека мора да се заштитат правата на Бугарите во земјава, во изјава софиската Нова ТВ.
– Затоа мора да се надмине политичката реторика и да се работи – нагласи Петков, додавајќи дека бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ ќе биде повлечено тогаш кога ќе биде „завршена работата“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков нагласи дека неговата Влада „нема да прави ништо“ без одлука на бугарскиот Парламент и ништо нема да биде сокриено од јавноста.
– Целосно ќе се бара заштита на бугарскиот интерес – додава Петков.
Во изјавата, Петков вели дека во Бугарија има обиди „да се продаде идејата за отстапување или неотстапување“ од бугарската позиција кон Македонија, но дека вистината е оти долгорочно Македонија треба да е дел од Европската унија.