Дијалог меѓу политичките партии треба да има, но средба со опозицијата за предвремени избори не треба да се одржи, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, повторувајќи го ставот во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се седне на заедничка маса.
– Веќе кажавме дека средба за предвремени избори не треба да се одржи зашто такво барање доаѓа во услови на најголема енергетска и економска криза. Ни претстои најтешката зима со која ќе треба да се справиме и за што деноноќно правиме планови. Во однос на отворање дијалог, еднаш кажав и уште еднаш ќе повторам – нормално е партиите да се гледаат, но во државата постојат институции. Институцијата што ги обединува е Собранието, а гледаме што се случува таму, има класичен бојкот и блокада што оневозможува низ парламентарна дебата да се разговара за унапредување на законски решенија – рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.
Според него, политичарите кои се и кои не се дел од Владата треба да се среќаваат и да разговараат за прашањата што ги засегаат граѓаните.
-Но, пред се треба да разговараат за важни стратешки прашања кои ја определуваат иднината на државата. Тоа би биле прашања за кои треба да се разговара – истакна Ковачевски.
Како пример за демократски начин на договарање, тој го посочи договарањето на дневниот ред за последната собраниска седница.
– Парламенрарното мнозинство низ дебата која трае повеќе од вообичаеното, успеа да го усвои дневниот ред за последната седница, така и ќе проодлжи, со демократски средства. Нормално дека во рамки на сите собраниски комисии треба да се разговара – додаде Ковачевски.