За жал, не само блиското туку и подалечното минато нѐ учи дека кога станува збор за односот на државата кон своите револуционери и херои, кои во многувековната историја ги дале своите животи за Македонија, не можеме многу да се пофалиме. И во однос на подигањето и одржувањето на спомениците на овие македонски херои и во однос на заслуженото оддавање почит кон нивниот лик и дело. И во двата сегмента како да затајуваме, како држава и општество, или, пак, покажуваме некаква необјаснива незаинтересираност, па дури и негрижа
Во период кога не стивнуваат реакциите и фрустрациите кај граѓаните и јавноста по настанот во Слупчане, тамошната дивоградбата во вид на споменик на борците на ОНА, чие место е повеќе пред Судот за воени злосторства и на столбот на срамот, како терористи што ги окрвавеле рацете и не ѝ донеле ништо добро на државата, се чини крајно време е да се запрашаме каков е нашиот однос кон вистинските борци и револуционери, вистинските македонски великани што ги вградиле своите животи во темелите на оваа (не)зависна суверена и самостојна држава Македонија. За жал, не само блиското туку и подалечното минато нѐ учи дека кога станува збор за односот на државата кон своите револуционери и херои, кои во многувековната историја ги дале своите животи за Македонија, не можеме многу да се пофалиме. И во однос на подигањето и одржувањето на спомениците на овие македонски херои и во однос на заслужено оддавање почит кон нивниот лик и дело. И во двата сегмента како да затајуваме, како држава и општество, или, пак, покажуваме некаква необјаснива незаинтересираност, па дури и негрижа. Во македонската историја има редица примери за ова. Можеби најеклатантен е случајот со (не)подигнувањето на споменикот на војводата Александар Турунџев, кој е изработен, платен, но сѐ уште не е поставен. Кога пред неколку години, во времето кога градоначалник беше Владимир Талески, Советот на Битола едногласно ја усвои одлуката да му се подигне споменик на војводата Александар Турунџев, на местото Ат-пазар, каде што во 1905 година беше обесен, најголемиот број битолчани се израдуваа што конечно на овој војвода ќе му се подигне спомен-обележје. Иако одлуката за подигнување споменик на Турунџев, Советот ја донесе едногласно и споменикот беше изработен и платен околу 50.000 евра, сепак тој повеќе од шест години е оставен да пропаѓа, во дворот на Општината, меѓу паркираните патнички возила на вработените во општинската администрација, напуштен и заборавен. Александар Турунџев сѐ уште чека „амин“ од општинските служби, тие да се сетат на него и да се смилуваат да го постават на местото каде што требаше да биде подигнат на Ат-пазар, каде што пред 117 години беше обесен. Поради локални партиско-политички кавги и наводно зачувување на неколку дрвца од страна на екологистите, споменикот не е поставен на Ат-пазар и така седи во дворот на Општината, да пропаѓа.
Имам чувство како мојот прадедо Александар во Битола по вторпат да го обесија. Како некој без суд повторно му пресудува или како некој повторно да ја преиспитува улогата на мојот прадедо Александар Турунџев пред и по Илинден, изјави во една пригода правнуката на Турунџев, Сузана Турунџиева.
Денес, 117 години подоцна, кога Александар Турунџев на Ат-пазар беше обесен, споменикот на Турунџев „виси“ во дворот на Општина Битола, оставен и заборавен.
За негрижата на надлежните општински и државни власти кон борците и македонските херои и нивните споменици најдобро зборува што во Битола, градот со богато револуционерно минато, сѐ уште нема споменик каков што му прилега на апостолот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, а тие споменици што се изградени најчесто се предмет на вандалски сквернавења и уништувања.
Иако Битола е град каде што во минатото се воделе тешки борби и голем број Македонци, за жал, во туѓи шинели, како српски, бугарски и француски војници, ги дале своите животи, дури пред неколку години за првпат во Новаци беше откриен меморијален споменик, на кој се испишани имињата на Македонците што биле мобилизирани во туѓи војски за време на Првата светска војна и загинале на Македонскиот фронт. Станува збор за 32 имиња на Македонци изгравирани на Споменикот на Првата светска војна во Градината на мирот во Коломбел, Франција.
До отворањето на овој споменик, по повод одбележувањето на 99-годишнината од Денот на примирјето од Првата светска војна, имињата на Македонците што биле мобилизирани на фронтот најчесто се премолчуваа. Има уште редица други примери за негрижата и неадекватниот однос кон спомениците на македонските херои и великани. Доволно е само да се спомене дека слични примери со негрижа и пропаѓање на бистите на редица истакнати македонски дејци и херои има и во други градови во државата. Зашто ништо не значи ако само еднаш годишно и само по некој повод на некој споменик на наш револуционер се положи цвеќе и потоа тој пак се препушти на заборавот до некоја следна пригода.
Со таков однос кон нашите борци, револуционери и херои, Македонија самата си пука во нога, од чии истрели страдаме сите. Грижата за спомениците и негувањето на ликот и делото на македонските херои треба да бидат континуирани и постојани. Во секоја можна пригода треба да се истакнуваат нивната улога и значење за македонскиот народ и македонската држава. Зашто само со таков однос ќе се оддаде вистинска почит кон нивното дело и нема да се дозволи да се промовираат и наметнуваат некои други ликови, кои не поминуваат кај македонската јавност и кај граѓаните
Со таков однос кон нашите борци, револуционери и херои, Македонија самата си пука во нога, од чии истрели страдаме сите. Грижата за спомениците и негувањето на ликот и делото на македонските херои треба да бидат континуирани и постојани. Во секоја можна пригода треба да се истакнуваат нивната улога и значење за македонскиот народ и македонската држава. Зашто само со таков однос ќе се оддаде вистинска почит кон нивното дело и нема да се дозволи да се промовираат и наметнуваат некои други ликови, кои не поминуваат кај македонската јавност и кај граѓаните. Македонските граѓани и историјата добро знаат и паметат кој ја бранел и градел државата, а кој ја напаѓал и уривал. Недозволиво и незамисливо е на лица со окрвавени раце за воено злосторство, како што се припадниците и раководството на ОНА, за кои има и сѐ уште незавршени судски предмети, да им се подигаат споменици. Од друга страна, да се манифестира незаинтересираност или негрижа за спомениците на вистинските македонски револуционери и херои, кои се вградиле себеси за независна и слободна македонска држава.