Фото: Принт-скрин

Фабриката за челик „Азовстал“ стана „приоритет број еден“ за политичкото и военото раководство на Украина, изјави за Би-би-си советникот на украинскиот министер за одбрана, Јуриј Сак.

Тој истакна дека напорите се насочени кон одбрана на огромниот индустриски комплекс и управување со натамошни евакуации. „Азовстал“ е последното упориште на украинскиот отпор во стратешки важниот пристаништен град Мариупол, за кој Сак забележува дека станал „срцето“ на војната.

Сак призна дека ситуацијата во фабриката била „исклучително тешка“ за нивните војници.

– Руските трупи сега започнаа копнена офанзива, откако претходно се фокусираа на воздушни бомбардирања и ракетни напади – нагласи воениот советник.

Сепак Сак се надева дека двете страни би можеле да се договорат за хуманитарни коридори кои ќе им овозможат на повеќе цивили и повредени војници да ја напуштат фабриката во следните неколку дена.

– Ние сме тивки оптимисти. Но, се разбира, имаме лоши искуства со Русија, која не ги почитува своите обврски – изјави Сак.