Женската ракометна репрезентација на Македонија доби тешка група на Европското првенство што ќе се игра од 4 до 20 ноември. Избраничките на селекторот Љубомир Савевски ќе играат во Ц-групата во Скопје, заедно со селекциите на Франција, Холандија и на Романија.
На попладневната ждрепка во Љубљана, извлечени беа и другите три групи. Групата А ја сочинуваат Норвешка, Унгарија, Хрватска и Швајцарија. Во групата Б ќе играат Данска, Шведска, Словенија и Србија, додека во групата Д се најдоа Полска, Црна Гора, Германија и Шпанија.
Пласман во втората фаза ќе изборат трите првопласирани кои ќе продолжат во две групи од по шест селекции. Освен Скопје, домаќини на другите три групи се Љубљана (група А), Целје (група Б) и Подгорица (група Д).