Германската Влада смета дека прашањето за воените репарации кон Грција е „правно и политички затворено“, изјави портпаролот на Владата во Берлин, Штефан Зајберт, одговарајќи на новинарско прашање за новите претензии од некои грчки политичари.
– Навистина многу пати сме го разгледувале тоа прашање. Нашата позиција е дека прашањето за германските репарации е правно и политички завршено. Таа позиција не е променета. освен тоа, во врска со ова прашање нема никакви официјални чекори од страна на грчките власти – истакна Зајберт.
Тој нагласи дека нема никаква информација за договор меѓу грчката и полската влада за појава на нови претензии за репарации од Германија.
Според некои западни медиуми, кои се повикуваат на владини извори во Атина, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос би можел повторно за време на посетата на германскиот колега Франк-Валтер Штајнмаер денеска и утре, да ги постави на дневен ред претензиите на Грција за стотици милиони германски репарации.