Фото: Маја Јаневска-Илиева

АЦХ Љубљана се закити и со титулата првак на Словенија, 18-та во клупската историја, и тоа на феноменален начин, без пораз. Еден од најдобрите играчи беше капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, кој беше прогласен за најкорисен играч, а во првата сезона ја носеше и капитенската лента. АЦХ Љубљана претходно сезонава победи и во Купот на Словенија и во Регионалната лига

ОДБОЈКА

Извонредна сезона за капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓоргиев во тимот на АЦХ Љубљана. По освоениот Куп на Словенија и по триумфот во Регионалната лига МЕВЗА, тој со АЦХ Љубљана се закити и со титулата првак на Словенија, 18-та во клупската историја, и тоа на феноменален начин.
АЦХ Љубљана не претрпе ниту еден пораз во домашната конкуренција, односно загуби само еден од 56-те меча сезонава (во Челенџ-купот) во сите натпреварувања. Во финалната серија од плејофот, АЦХ Љубљана ги доби трите меча со Калцит волеј од Камник, а еден од најдобрите беше токму Ѓоргиев (33). Тој беше прогласен за најкорисен играч (МВП), во првата сезона ја носеше и капитенската лента, а неодамна го продолжи договорот со тимот од главниот град на Словенија, до 2024 година.
На Ѓоргиев, кој игра на позицијата коректор, АЦХ Љубљана му е 11-ти клуб во кариерата. Претходно настапуваше за повеќе европски гиганти, меѓу кои Париз волеј, Фридрихсхафен и Инегол, а играше и во Јапонија, каде што со Торај ероус ја освои шампионската титула во сезоната 2016/2017.
– Презадоволен сум, имавме одлична трофејна сезона во АЦХ Љубљана. Среќен сум и што нашата соработка продолжува, бидејќи ова е еден од најдоброорганизираните клубови за кои сум настапувал. Сѐ функционира на најдобар можен начин, амбициите ни се големи, следната година ќе играме во Лигата на шампионите, ќе имаме и нов тренер, веројатно ќе се засилиме со нови играчи, ќе биде интересно во секој поглед – вели Ѓоргиев.
Македонската одбојкарска репрезентација годинава повторно ја очекува настап во Европската „сребрена“ лига, кон крајот на мај и во почетокот на јуни, со финален турнир што треба да се игра во Унгарија. Македонија е во групата Б со Романија, БиХ и со Албанија. Собирот е закажан за 4 мај, а првиот дел од подготовките треба да се одвива во Маврово. Планирани се и две контролни средби со Бугарија, во Софија, кои деновиве треба да бидат потврдени, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Тоа е единственото репрезентативно натпреварување годинава за нас и продолжуваме таму каде што застанавме лани. Очекувам повторно пласман на завршниот турнир и се надевам дека од „вечно“ втори, четири пати, конечно ќе победиме. Имаме искусен состав, се надевам дека ќе бидеме комплетни, имаме и нов селектор, некои работи ќе се сменат, верувам во позитивна насока, се надевам дека со малку среќа ќе можеме да стигнеме до трофејот – вели Ѓоргиев.