Џони Деп/Фото: Принт-скрин

Славниот актер Џони Деп го заврши сведочењето во неговиот судски случај за клевета против поранешната сопруга, актерката Амбер Херд, на рочиштето во Ферфекс, САД. Во текот на четвртиот ден од сведочењето Деп бил испрашуван од адвокатот на Херд. Тој бил прашан за аудиоснимките од кавгите со поранешната сопруга, како и дали таа била единствената за која неговото прекумерно консумирање алкохол било проблематично, пренесува „Си-ен-ен“.

– Ако некој имал проблем со моето пиење во тој период од мојот живот, тоа сум јас. Единствената личност што ја злоставував во својот живот сум самиот јас – кажал Деп.

Згора, ѕвездата на филмскиот серијал „Пиратите од Карибите“ посочи дека дел од телефонските пораки што ги приложила Херд се базирани врз филмовите на „Монти Пајтон“, тврдејќи оти честопати преку хумор се справува со тешките или непријатни ситуации. Во текот на обраќањето пред судот, Деп ја опиша нивната врска како „застрашувачка“, велејќи дека „никој не заслужува да живее така“.

Во своето сведочење Деп признал дека тој и Херд имале тешки расправии, но бил дециден оти никогаш во својот живот не удрил жена.

 

Деп ја тужи Херд за отштета од 50 милиони долари поради текст во кој таа пишува за нејзиното искуство со семејното насилство во текст за „Вашингтон пост“ објавен во 2018 година. Иако Деп не е именуван во статијата, тој тврди оти текстот го чинел губење на скапи ангажмани во актерската кариера.

Херд и Деп, кои се запознаа во 2009 година и беа во брак во периодот од 2015 до 2016 година, меѓусебно се обвинуваат за физичко насилство во текот на нивната врска. Истовремено ги негираат меѓусебните тврдења.

Судењето што почна на 11 април, се очекува да трае шест недели. Херд допрва треба да сведочи.