„Небото е сино“ во МКЦ

Уметницата Лина Дамјан ќе ја отвори својата изложба „Небото е сино“, вечерва, во 20 часот, во МКЦ. Оваа изложба е од амбиентален карактер и го претставува небото во апстрактна форма.
– Восхитувајќи им се на убавината и моќта на небото, делата пробуваат да го фатат секој негов миг, секој атом и движење во него. Преовладуваат сини тонови, од најтемни до најсветли, чиста бела и чиста црна боја (симболи за светлината и темнината во небото), преземени од поп-артот, а форматите се искористени во максималистички стил. Изложбата се состои од една видеопроекција, анимација, три слики во техниката масло на платно и три дигитални слики – се вели во најавата.
Лина Дамјан е родена во 1997 година, во Скопје. Во 2020 година завршува на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на Катедрата за сликарство. Има реализирано две самостојни изложби – „Пиктографија“ и „Ренесансни фрагменти“.