Неодамна, во издание на „Перун артис“, од печат излегоа две книги со драми од двајца значајни македонски драматурзи: Еве Камчевска и Катерина Момева. Во книгата „Две драми“ од Ева Камчевска се застапени комедиите „Избраниот“ и „Остани исправен и оди грациозно“, додека во книгата „Сара и други драми“ на Катерина Момева се застапени нејзината најнова драма „Сара“, монодрамата „Исмена“, дуодрамата „Телеграма“ и либретото „Силен или сатирска игра по Орестија“.
Драмите на Ева Камчевска се „човечки прецизни и конкретни, посветени на секојдневието на човекот и неговите современи предизвици“, како што напоменува во поговорот театрологот д-р Ана Стојаноска, додека Момева со своите пиеси е „еден вид предвесник на либералното во нашата драматургија и во филозофското во женското писмо создадено на нашиот јазик“, како што споменува Сашко Насев во својот осврт. И двете изданија се издадени со финансиска помош од Министерството за култура.