Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во телевизиска порака до граѓаните, вечерва соопшти дека минималната плата во Грција ќе се зголеми за 50 евра, односно од 663, од следниот месец, ќе изнесува 713 евра и се однесува на над половина милион граѓани, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека секојдневно среќава граѓани, особено млади кои примаат минимална плата кои се загрижени за поскапувањата на цените на струјата, на продуктите во супермаркетите, но и на горивата, поради меѓународната енергетска криза и војната во Украина и додаде дека платите сè уште се многу ниски во Грција, а глобалната инфлација прво ги погодува нископлатените и невработените.
– Токму на нив се однесува мојата денешна одлука. Од 1 мај основната плата се зголемува за 50 евра месечно. Од 663 се искачува на 713 евра. Износ кој во комбинација со првата јануарска рата е еднаков на вкупно зголемување од 9,7 отсто во однос на минималната плата од 2021 година. Едноставно кажано, речиси 650.000 вработени во оваа категорија ќе добија повеќе од дополнителна нето плата годишно. На нивниот приход отсега се додава 15 плата – рече Мицотакис.
Посочи дека оваа нивна иницијатива „ги достигнува крајните граници на економијата“ и вклучува многу параметри, „исто како што едно семејство денес се снаоѓа без да ја загрози иднината на своите членови, така и власта е повикана да балансира, меѓу минливите потреби на сегашноста и националните обврски на иднината“.
– Директното зголемување на минималната плата за 50 евра е одлука на одговорност и солидарност. Живееме во тешки времиња. А мојата главна грижа е да не се наруши нашата социјална кохезија – потенцираше грчкиот премиер.
Истакна дека има доверба во потенцијалот на грчката економија, а како што рече „раст за сите“ било нивното ветување од самиот почеток, што е и целта на нивната политика, а „денес правиме уште еден важен чекор за да го постигнеме“.
Додаде дека Владата досега ги поддржа бизнисите, а сега се на ред вработените, пред сè оние со ниски примања.