Судијата Андреј Димовски во судницата ѝ посочи на поранешната специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дека за неа нема материјален доказ оти земала пари од Јордан Камчев или дека истите ги барала.
Ова се случи додека Јанева се обидуваше да докаже дека реченицата „Сѐ ќе биде океј“, била објавена јавно за случај каде Камчев бил испитуван во СЈО во својство на оштетен, а не на во својство на осомничен.
Кога првпат доби покана од СЈО да даде исказ и во кое својство, праша Јанева.
– Ниту еднашка од трите пати кога бев спроведен од истражното одделение во СЈО, не сум добил покана, туку првиот пат бев однесен во работни часови, а вториот и третиот пат во доцни попладневни часови – кажа Камчев.
Камчев: Разговарав со Заев за рекетот што го правеше Бојан Јовановски, не за „Империја“
Катица Јанева: „Објаснете му на судот кај кој обвинител бевте однесени“.
Камчев: „Првиот пат беше бев кај Лиле Стефанова и истражител. Вториот и третиот пат од затворот ‘Скопје’ во доцните часови во присуство на Лиле Стефанова и Катица Јанева“.
Адвокатот на Камчев, Александар Михајловски, потоа рече: „Да ја потсети дека не е повеќе обвинител, не може така да постапува и поставува прашања“.
Орце Камчев халуцинира, рече Катица Јанева за сведочењето на бизнисменот дека бил рекетиран
Катица Јанева на тоа порача: „Ме интересира да знам кога сум му кажала да ги исплати парите на Боки“.
„Жената лута“, врати Камчев и додаде: „Таа ги меша настаните. Едно е кога потврдувала, кога бев во домашен притвор. А јас кажувам кога од затвор ме однесоа во СЈО. Катица Јанева јадеше мекици и сирење во просторијата, ако треба да кажувам детали. Тогаш не ми побара пари и не ми зборуваше за Боки“.
„Кога беше во куќен притвор, дали беше повикан да дава исказ како оштетен, а не како сведок“, праша Јанева и додаде: „Бев повикан во својство на сведок, но не од домашен притвор туку од затворот ‘Шутка’“. Јанева постави потпрашање: „Дали во тој предмет каде беше повикан како оштетен, бев и јас присутна?“, а Камчев одговори: „За тој предмет бев двапати во Обвинителство, со двајца обвинители. А во едниот случај кога бев повикан, влезе и Катица Јанева во просторијата, се поздрави со сите и замина“.
Судијата Андреј Димовски кажа дека за Јанева ниту во пресудата за „Рекет“ ниту сега, нема доказ дека земала или барала пари од Камчев. По ова, Јанева истото го потврди: „Никојпат немало ниту контакт, договор, разговор“.
Адвокатот Александар Михајловски, кој го застапува Камчев, бараше половина час пауза, а судијата дозволи само десет. Катица Јанева низ смеа искоментира: „Нема цел ден да седиме со Камчев во судница, ние доаѓаме од затвор“.
Камчев ја повлече тужбата против Кичеец
Расправата беше на рочиштето за тужбата за оштетното побарување на Камчев од обвинетите Јовановски и Јанева во случајот „Рекет“, одржано денеска во основниот граѓански суд – Скопје. На денешното рочиште, тужителот Камчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец, кој, покрај Јовановски и Јанева, беше еден од тужените од кои Камчев претходно бараше да му се исплати штетата. На денешното рочиште прв исказ даде тужителот Орце Камчев, кој хронолошки ги образложи случувањата преку кои тој смета дека му е нанесена штетата.
Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да бара поблаги мерки против Орце Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.