Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, незадоволен од висината на изречената кривична санкција, денеска вложи жалба против првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за сообраќајната несреќа што се случи на 20 јануари минатата година, во близина на трговски центар „Сити мол“ во Карпош.
Со пресудата врз основа на признание на вина, на 11 април годинава, Основниот кривичен суд го огласи за виновен обвинетиот Ј.Ѓ. за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Притоа, Судот го осуди на казна затвор од три години, во која се засметува и времето поминато во притвор и му изрече казна забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија во траење од три години од денот на правосилност на пресудата.
– Обвинетиот беше огласен за виновен за наведеното кривично дело, бидејќи на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Ситроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори во тој момент биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен, не обрнал внимание на пешаците на коловозот – се вели во соопштението од ОЈО.
Спротивно и на членот 35 од Законот, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Еден од пешаците, девојка на возраст од 24 години, притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница.
– При одредувањето на казната, Судот како олеснителни околности ги ценел признанието на вина од страна на обвинетиот, изразеното каење и свест за противправноста на стореното, како и фактот дека станува збор за млада личност која претходно не била во судир со законот. Сепак, надлежниот јавен обвинител цени дека во конкретниот предмет првостепениот суд во поголема мера ги ценел олеснителните околности, на сметка на отежителните – начинот на сторување на делото, зачестеноста на овој вид кривични дела и особено фактот дека во несреќата е изгубен млад човечки живот – се додава во соопштението.
Дополнително, јавниот обвинител наведува дека оштетените со ништо не придонеле за да се случи сообраќајната несреќа и прописно ја поминувале улицата на обележан пешачки премин, се вели во соопштението од ОЈО.
– Анализирајќи ја обжалената пресуда, сметам дека судот не ја одмерил адекватно казната, бидејќи ги применил одредбите за ублажување на казната, иако не постоеле законски услови за тоа – наведува надлежниот обвинител во образложението на жалбата до Апелациониот суд во Скопје.
Јавниот обвинител смета дека со висината на изречената казна од првостепениот суд нема да се постигнат целите на казнувањето на планот на генералната и на специјалната превенција на овој вид кривични дела.
Исто така, во жалбата се наведува дека и висината на изречената споредна казна – забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија исто така е незадоволителна. Имајќи ги предвид околностите под кои е сторено делото и тешките последици, таа забрана треба да трае 5 години, колку што максимално дозволува материјалниот закон.