Семејството на загинатата В.Н. и адвокатот на Л.Д., сметаат дека пресудата за возачот Ј.Ѓ. е еднаква на ослободителна. Адвокатот на семејството на жртвата, Владимир Михајловиќ, казната изречена од судијката Љубинка Башевска ја нарече несериозна. Мајката на Викторија, со плач ја дочека пресудата. Таткото на покојната, кажа дека се згрозени од висината на казната.
– Немам зборови, згорезен сум од оваа држава, од судството и затоа има толку голем процент на недоверба. Друго немам ништо, згрозени сме како фамилија со ваква пресуда. Немаме зборови, сите ќе ја напуштат оваа држава – рече таткото на загинатата Викторија.
Михјаловиќ во својот коментар на пресудата истакна дека „на 20-ти вечерта трепкало жолто светло, а за жал денеска Основниот Кривичен суд – Скопје дозволил светлото да биде зелено и на тој начин дозволува вакви престапи да поминат неказнети“.
– Ваква казна од три години за вакво дело со смртни последици е премногу несериозна за премногу сериозно дело. Во консултација со јавното обвинителство најавивме дека ќе поднесеме барање за жалба на оваа пресуда и се надеваме дека Апелациониот суд ќе биде многу посериозен по дадената жалба на јавното обвинителство. Морам да нагласам дека имаме ситуација кога се е чисто, кога без разлика на признавањето на вина делото и со него и без него е такво какво што е, а имаме пресуда која за нив и за нас е ослободителна. Со тоа дозволуваме секојдневно сите ние, сите вие и оние гледаат да бидеме жртви на сообраќајното насилство. Оваа мора да престане веднаш, затоа што вака ќе имаме повеќе погреби на пешачки, отколку што ќе имаме веселби за убави работи – рече бранителот Михајловиќ.
Од другата страна, одбраната на обвинетиот наведе дека пресудата за нив како одбрана е задоволителна и дека за казната од три години нема да се жалат, но ќе поднесат жалба за одлуката за притвор. Според нив, домашниот притвор во правото е притвор што ограничува.