Економската криза се одрази и врз намалената побарувачка на зеленчук и овошје на кичевскиот зелен пазар, а најдобра потврда за тоа е намалениот промет на тезгаџиите и во пазарниот ден. Повеќето од нив тврдат дека потрошувачката е намалена за дури 50 проценти, иако се трудат цените да не ги зголемуваат, и уште толку ја влошат состојбата.
– На зелениот пазар сум повеќе од половина век, а толку слаб промет досега не паметам. Луѓето или купуваат малку или воопшто не пазарат, иако ние се трудиме малопродажните цени да останат како и претходно, се со цел да ја зголемиме потрошувачката, а со тоа и заработката. Дали и во текот на летото ќе продолжи овој тренд, не можеме со сигурност да потврдиме, но ако вака предолжи со намалена побарувачка и потрошувачка, ќе се најдеме на работ на гола егзистенција – вели Шазо Коџаџиклиоски од кичевскиот зелен пазар.
Дури и оние тазгаџии кои се присутни на кичевскиот зелен пазар само во саботите, се жалат на намалена побарувачка и помал промет од претходно.
– Кога ќе погледнете на пазарот ќе забележите голема фреквенција на луѓе. Но големата фреквенција не се одразува и врз нашиот промет и заработка. Бидејќи повеќето луѓе шетаат и прашуваат за цени и продолжуваат понатаму, а мал е бројот на вистински купувачи кои се заинтересирани да купат од нашите производи. Повеќе од јасно е дека економската криза се рефлектира на овие состојби и намалената побарувачка на овошје и зеленчук – вели Живко Павлов.
На кичевскиот зелен пазар цените се многу слични како и во повеќето продавници за овошје и зеленчук во градот. Доматите се продаваат за цена од 170 денари по килограм, краставиците по 100 денари, младиот кромид по 70 денари, марулите по цена од 20 до 25 денари, а пролетната зелка за 40 денари за килограм. З.А.