На поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири вечерва му е одреден 30-дневен притвор од страна на судија на претходна постапка, кој го прифати предлогот на Обвинителството.

– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на Јавниот обвинител, во Законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во текот на денот истиот самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот – се наведува во соопштението од Судот.

Странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на судот против решението. Донесено е решение за притвор и за преостанатите двајца осомничени во случајот кои моментно се недостапни на органите на прогон.

Јавната обвинителка Катерина Коларовиќ, по завршување на распитот во Судот, информираше дека го соочиле осомничениот Зекири со аргументите кои ги бара Законот за кривична постапка, и дека останува судот да одлучи по барањето.

Таа посочи дека немаат доказ во формална смисла дека тој планира бегство, но, како што рече, постои сомнеж.

– Тоа се оперативни сознанија кои што се изнесени од страна на судот, доколку судот ги прифати ќе ви бидат соопштени, ако не ги прифати повторно ќе објасни зошто не ги прифати – рече Коларовиќ.

Зекири денеска поднесе неотповиклива оставка по сомневањата дека ја злоупотребил службената положба. Тој се сомничи дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, на штета на Буџетот на Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.