Низа интерни и екстерни фактори влијаат и ја нагризуваат домашната економија. На некои од нив, како откажувањето на нарачките или случувањата во европската економија, не може да се влијае и да се контролираат, но на внатрешните фактори, како подобра реализација на капиталните инвестиции, овозможување подобри услови за стопанисување и достапност до кредити, мора многу повеќе да се работи
Клучни фактори и ризици што сѐ уште демнат во економијата се продолжувањето на негативните ефекти од пандемијата на ковид-19, како и последиците што ги носи руско-украинската војна, кои придонесуваат за намалување на домашната побарувачка, воздржаност на домашните и странските инвеститори, како и за намалена странска побарувачка за домашни производи. Најголемото влијание врз ограничувањето на обемот на производство има недоволната странска побарувачка со 19,2 отсто, како и недоволната домашна побарувачка со 12,5 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека предизвиците за нашата економија доаѓаат преку европската економија, а развојот на настаните во Украина има негативен ефект врз европската и глобалната економија, преку дополнителни нарушувања на синџирите за снабдување, односно негативен ефект врз странската побарувачка.
– Нашата земја, како мала и отворена економија, која е високоповрзана со европската, ги чувствува тие нарушувања. Исто така, може да дојде до поголема претпазливост кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило врз нивото на инвестиции – посочува Бесими.
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека теоретски гледано, бидејќи македонската економија е многу мала, таа има бескрајни можности за извоз на производи. Но во практика нашите производители се судираат на странските пазари со голема конкуренција од тамошните производители или од производители од други земји.
– Нашите производи можеме да ги направиме поконкурентни само со висок квалитет и пристапни цени, а тие зависат од технологијата на производство и од обемот на производство. Бидејќи со обемот на производство кинеските производители се најконкурентни на светските пазари, тогаш нашата шанса треба да ја гледаме во примената на современа технологија и производи за кои имаме конкурентски предности. Такви се преработените производи во земјоделството каде што имаме фантастични земјоделски производи како наша предност. Додека, пак, во трудоинтензивните дејности полека, но сигурно ја губиме битката со земјите од Далечниот Исток, затоа што нашите плати пораснаа и нѐ прави скапи во споредба со земјите на Далечниот Исток – напоменува Димитров.
Според него, странските инвеститори можат многу да помогнат во зголемување на вработеноста и извозот, но мора да се внимава колку средства од буџетот ќе се употребат за привлекување на овие инвеститори. Тој вели дека некои од нив постојано „ловат“ земји што даваат големи поволности за инвестиции, а не нудат високоразвиена технологија и само користат евтина работна сила и затоа во иднина треба да се привлекуваат само компании што имаат висока технологија, повисока додадена вредност и кои позитивно ќе влијаат на промената на нашата стопанска структура.
– Без разлика дали се работи за домашни или за странски инвеститори сите бараат стабилни и предвидливи услови на стопанисување, владеење на правото, заштита на приватната сопственост, професионална администрација и едуциран кадар. За жал, со малку од ова што го набројав ние можеме да се пофалиме – истакнува Димитров.
Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека како резултат на пандемијата, а сега и руско-украинската криза, во глобални рамки дојде до намалување на побарувачката кај одредени индустриски производи, а тоа влијаеше на намалување на производството кај нас.
– Поради намалената екстерна побарувачка, огромно намалување бележи производството во преработувачката индустрија, особено во текстилните компании, што доведе до намалена профитабилност и ликвидност на компаниите и намалување на бројот на работниците, најголемо намалување има и кај производството на машини и уреди, како и производството на електрична енергија – објаснуваат од СКСМ.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст, инвестиции, извоз, вработување, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации.
– За жал, сега бележиме стапки на пад на индустриското производство, што покажува дека и економијата е во состојба на слободен пад. Оваа состојба, меѓу другото, се должи на намалувањето и откажувањето на нарачките од странски партнери во автомобилската индустрија, нереализацијата на капиталните инвестиции, намалените странски инвестиции, намаленото производство на струја. Факт е дека на екстерните фактори, како што е откажувањето на нарачките, не може да се влијае и да се контролираат, но тој пад можеше да се надомести со многу подобра реализација на капиталните инвестиции или обезбедување повеќе странски инвестиции – сметаат од ССК.
За тоа какви решенија се потребни и како да се зголеми странската побарувачка за домашни производи и како да се зголеми извозот, Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, нагласува дека е потребно зголемување на достапноста на кредити.
– Достапноста на краткорочни и (особено) долгорочни кредити е од клучно значење за производството и за извозниците. Ова е одлучувачко за малите и за средните претпријатија, за кои кредитните ограничувања се пообврзувачки отколку за големите фирми. Бидејќи тие сочинуваат големо мнозинство од фирмите во земјите во развој, подобрувањата во овој домен се неопходни за да се фаворизира растот на извозот. Дополнително треба да се вложи во „интернационализација“ на македонските производи и услуги, и тоа со зголемување на квалитетот, адаптација кон потребите на целниот пазар и стандарди, така се зголемува и производството – укажува Бошков.
Според него, потребно е и поедноставување на регулативата, велејќи дека Владата треба да ја поедностави регулативата поврзана со извозот; долгите бирократски процедури негативно влијаат особено на новите извозници.
– Во исто време, владите треба да ги подобрат собирањето и ширењето информации за странските пазари и барањата за извоз. Активностите во оваа категорија треба да ги земат предвид и стандардите за производите и другите технички барања наметнати за извоз на пазарите на развиените земји. Но најважни фактори се сигурноста, логистиката и достапноста, односно подготвеноста за реализација и брзи решенија. Наедно треба и подобрување на соработката меѓу економските актери. Покрај традиционалните политички инструменти, растот на извозот може да биде фаворизиран со подобрување на соработката меѓу извозниците и меѓу Владата и деловните актери – додава Бошков.