Селанецот Бројгел е прекар на Питер Бројгел Постариот, еден од најголемите фламански уметници на сите времиња. Роден е во Бреда, но не е јасно дали станува збор за холандскиот град или за белгискиот град Бри. Во младоста живеел во Француското Кралство и на Апенинскиот Полуостров, а подоцна се населил во Антверпен. Таму го усовршил својот уметнички талент, а во 1551 година бил прогласен за мајстор на сликарскиот занает. Го напушта Антверпен и се враќа во Италија, а своите последни години од животот ги минува во Брисел.
Питер Бројгел Постариот е основач на истакнатото уметничко семејство Бројгел. Неговите синови Питер Бројгел Помладиот и Јан Бројгел Постариот стануваат познати сликари, меѓутоа тие двајца не биле подучувани од нивниот татко Бројгел Постариот. Истражувачите веруваат дека биле подучувани од нивната баба.
Бројгел промовирал поедноставен начин на сликање, а голем дел познавачи веруваат дека фамозниот сликар Јероним Бос извршил најголемо влијание врз неговите дела, особено во раниот период. Во овој период, Бројгел ги создал делата со демонолошки карактер, како што е сликата „Триумфот на смртта“. Но негов најпрепознатлив стил се пејзажите, а во историјата на уметноста се споменува како еден од најголемите пејзажни уметници. На неговите пејзажи честопати можат да се видат селани, односно го претставувал животот на обичните луѓе.
Се верува дека е еден од првите западни уметници што од пејзажите создале вистинска уметност. Претходно, пејзажите служеле само како заднина за слика од религиозен карактер.
Неговите дела честопати имаа живост и чувство за хумор, а како такви биле едни од првите уметнички слики што имале критички протест кон општеството. Непосредно пред својата смрт, наредил сите уметнички дела со политичка конотација да бидат запалени. Верувал дека на овој начин ќе го зачува семејството од политички прогони, особено од шпанската власт во Холандија. Неговите дела долго време биле повеќе ценети од љубителите на уметноста, отколку од критичарите. Во 1574 година, Ортелиус го именувал како најсовршениот сликар на 16 век, а многумина го гледале како хумористичен наследник на Јероним Бос. Кон крајот на 16 век, голем број негови уметнички дела биле купени од моќната династија Хабсбурговци.
Парабола на слепите – мајсторство за набљудување
Парабола на слепите е ремек-дело на Питер Бројгел Постариот, завршено во 1568 година. Делото ги одразува големиот талент и мајсторство на Бројгел за набљудување. Мажите ја држат главата нагоре за подобро да ги искористат своите сетила, дијагоналната композиција го засилува нивното движење. Во светската уметност се смета за ремек-дело поради точните детали и составот. Бројгел го насликал делото една година пред својата смрт. Познавачите веруваат дека поради темниот тон и горчината, делото е всушност критиката на шпанското владеење во Холандија, кога во 1567 година биле спроведени масовни егзекуции и затворања на приврзаниците на протестантизмот. Постојат неколку нејзини копии, вклучувајќи ја и онаа изработена од Питер Бројгел Помладиот, син на Бројгел.