НАТО е група од 30 суверени, независни земји кои споделуваат заеднички идеали за заштита на своите граѓани, почитување на нивните соседи и обезбедување посигурна, стабилна иднина за цела Европа. Посветеноста на Северна Македонија на овие принципи е несомнено силна. А со Северна Македонија, сојузот само се засили, изјави американската амбасадорка Кејт Мери Брнз, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел.
Како депозитар на НАТО, САД беа првите што и посакаа добредојде на Македонија во Алијансата пред две години.
– Како рамноправен партнер, горди сме што стоиме обединети со Северна Македонија и секој НАТО сојузник во нашата желба „да живееме во мир со сите народи и сите влади“, порача Брнз, во своето видео обраќање.
Сега, кога неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност, Брнз вели дека, гледаме колку е важно тоа партнерство и за Македонија и за Европа.
– Како вреден и рамноправен партнер, Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства – Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години – изјави Брнз, во видеообраќање.
НАТО е сојуз на дела и зборови, рече Брнз и додаде дека Македонија продолжува да го почитува своето ветување дека ќе ја исполни обврската за инвестирање во одбраната до 2024 година.
– Министерството за одбрана и Владата на Северна Македонија продолжуваат да прават чекори во надградба и модернизирање на војската на земјата преку нова опрема, обука на специјалните сили и зголемена подготвеност меѓу нејзините агенции за одговор на вонредни состојби од невоен карактер – изјави Брнз.
Заменик помошничката на генералната секретарка за јавна дипломатија во НАТО, Кармен Ромеро, порача дека руската агресија врз Украина, ја донесе повторно клучната задача на НАТО, а тоа е заштитата на земјите кои се членки на Алијансата и нивните граѓани.
– Во контекстот на оваа нова и неочекувана реалност, би сакала да ја пофалам нашата најнова членка – Северна Македонија, за вашата посветеност на НАТО, затоа што бевте навистина извонреден сојузник и клучен елемент за стабилноста на Западен Балкан.
Напорот на Северна Македонија за унапредување и промовирање на безбедноста, мирот и стабилноста во регионот е навистина одлучен за сојузот, изјави Ромеро во своето видеообраќање.
Одбележувањето на Денот на НАТО, нагласи Ромеро е важно, особено кога се наоѓаме во историска пресвртница, каде имаме сложена борба за нашите вредности и задржување на слободата и демократијата – наспроти автократија, владеење на правото, наспроти користењето на брутална сила.
Претходно на настанот се обратија и премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Настан „Денот на НАТО – 4 Април“, е активност на Евроатлантскиот Совет на Македонија која покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, служи како настан чија цел е да ја информира пошироката јавност за развојот на настаните на глобално ниво, придонесот на државава и бенефитите од членството во Алијансата.