Изложбата на цртежи, графики и промоција на арт-книга, „Неизвесен исход на мадлен и липов чај“, во сито-печат, чија авторка е Уна Николоска, издавач „Партизанска штампа“, а кураторка Ана Трајковска, е поставена во „Буква“. Достапни се и уникатни торби, брошеви и лепенки по промотивни цени.
Инспирирано од Прустовиот „мадлен“, кој води во „потрага по изгубеното време“, Уна прикажува синестетички доживувања во период од пет години, кои си претходат и се инспирираат едни од други. Претставени како обвивки, поделени се на три серии.
– Ова искуство започнува во 2017 г., кога доживувањата сè уште се свежи, искажани врз листовите од тетратка без линии, купена од најблискиот маркет.
Во втората серија, „неизвесниот исход на мадлен и липов чај“ доаѓа до израз. Станува збор за доживувања од 2020 г., чија директна инспирација, покрај пандемијата, се токму цртежи од 2017 г. Во овој продуктивен карантински период, цртежите под насловот „Реално, брат“ прикажуваат своевидно соочување со сите човекови несовршености, па оттаму и се провлекува мотивот „потрага по нови аспекти од себе“ низ сите други цртежи.
Ова искуство завршува во 2021-2022 г., кога една случајна средба со сите досега нацртани хартии раѓа поинакви, поведри емоции и доживувања. Последните неколку цртежи ќе бидат и темел на наредната потрага по некои нови аспекти на себе – споделува Уна.