Моите автопортрети, исто како мене, копнеат за исцелување

Тони Попов, сликар

Верувам дека уметноста треба да биде искрена, отворена, транспарентна и дека уметникот треба да биде ранлив пред гледачите. Оваа изложба е едно такво откривање, вели уметникот Тони Попов

„Човек се троши неусетно“ е самостојна изложба на Тони Попов закажана за в среда, во 19 часот, во „Јуроп хаус Струмица“.
Сликите на оваа изложба се самоспознание на еден човек. Откритие што се случило во одразот на едно огледало, понекогаш заматено од патината на времето, понекогаш напукнато од притисокот на нетрпеливоста и маката на свесноста дека ќе бидеме заборавени, можеби засекогаш. Овие, како и сите значајни дела на сликарската уметност се видени во огледало. За да бидат запаметени. Секоја уметност е крик предизвикан од ужасот на заборавот. Суштината на ова кристално јасно сликарство се состои токму во нејасноста на огледалото да ги запамети нашите ликови, пишува кураторот на изложбата, Никола Пијанманов, за автопортретите на Тони Попов.

Изложбата е во организација на здружението за култура „Транзен“.
Тони Попов е уметник што твори во повеќе медиуми. Повремено пишува сценарија за краток филм, раскази и поезија. Со сликарство професионално се занимава од 2011 година. Во јули 2020 година, во Охрид, Тони ја започна летната сликарска школа за деца „Пробај уметност“. Од 2021 година е член на ДЛУБ.

Кој дел од вашето творештво овој пат ќе го ставите пред окото на јавноста?
На оваа изложба ќе бидат поставени триесетина автопортрети, создадени во последниве три-четири години. Сликите се во мал формат, работени во акрилна или маслена техника на различни подлоги. Во каталогот за изложбата, покрај сликите, ќе се најдат и 16 мои досега необјавени песни.
Верувам дека уметноста треба да биде искрена, отворена, транспарентна и дека уметникот треба да биде ранлив пред гледачите. Оваа изложба е едно такво откривање. Изложбата е во организација на здружението „Транзен“, а куратор на изложбата е Никола Пијанманов.

Какви се чувството и процесот човек да се автопортретира?
Секоја слика на свој начин е тешка задача, затоа што во секоја слика давам нешто свое. Од друга страна, ако е лесна, тоа значи дека ја правам рутински. Сликата мора да извира однатре, само така сликата е жива и може да зборува со гледачот.
Процесот на создавање е она што ме привлекува, можноста од ништо да се направи нешто. Понекогаш, во тој процес, поминувам цел спектар од мисли и емоции, од „ти си најдобриот сликар на светот“, до „не те бива, фрли ги четките и прави нешто друго“. Понекогаш се чувствувам како џин, честопати како трошка, но на крајот, продолжувам да создавам, затоа што не можам поинаку. Како што вели Блаже Конески во една своја песна: „Порив е тоа и за смисла не прашува“.

На што „човек се троши неусетно“?
„Човек се троши неусетно“ е наслов од една од песните што се дел од оваа изложба. Почнува со стихот: „се обидувам и не можам да се сетам кога и како ја загубив способноста да кажувам благодарам“ и во суштина, во неа се зборува за леснотијата со која ние луѓето се фокусираме на себеси и забораваме на другите. Јас верувам дека потрошено е само она што скржаво одбираме да си го приграбиме за себе. Она што одбираме да им го дадеме на другите секогаш ќе даде некаков плод. Човек се троши неусетно кога е себецентричен.

Автопортретите се можеби најинтимните дела на уметниците. Каков опис им давате вие на автопортретите? И што ве поттикна да создадете дела од себе и својот лик?
Долго време живеев во страшна депресија и себеомраза, дури до степен да не можам да се погледнам во огледало. Да не бидам сфатен погрешно, јас не бев несреќен. Напротив, во тој период имав (и сѐ уште имам) многу блиски пријатели, го имав семејството и работев нешто што го сакам. Сепак, таа состојба беше како некаков темен облак и го покриваше сето она што бев или што го имав. Мојот прв автопортрет беше крик против таа себеомраза. Оттогаш досега имам насликано околу 60 автопортрети и секој на свој начин е победа врз таа темнина што ја носев долго време.

Какво самоспознание се автопортретите за вас? Каков одраз од себе гледате во вашите дела?
Има четири прашања што постојано си ги поставувам: кој сум јас, што сакам да постигнам, кому се обидувам да му угодам и кому му служам. Овие прашања се рамка во која се обидувам и да живеам и да сликам или пишувам. Јас денес не сум истиот од пред неколку години. Жив човек сум, се кршам, паѓам, потоа станувам и одам понатаму и во тој процес се менувам, растам, созревам.
Не е секој автопортрет слика од мене. Исто е и со моите песни: иако се пишувани во прво лице, во нив не сум секогаш јас главниот лик. Тоа се приказни што сум ги насликал или напишал и секој гледач може да се пронајде во нив.

Какви емоции, изрази, крикови претпочитате да прикажете преку вашите автопортрети?
Она што ме привлекува кај автопортретите и кај портретите воопшто е дека има толку многу различни начини да се претстави еден лик, а сепак секое претставување да биде автентично на ликот што е портретиран. Сметам дека портретот треба да биде многу повеќе од фотографија за спомен. Затоа, главниот фокус не ми е „да личи“, туку да доловам состојба, да го доловам она што е внатре. Најчесто, ги сликам брзо, од срце и во еден здив, за да не му дадам време на умот да ја дотера сликата.
Светот денес се обидува да ја стави несигурноста под тепих. Тежнееме да сме успешни, позитивни, насмеани и сето тоа донекаде е во ред, но што е со неуспешните? Што е со тажните? Што со оние што имаат душевни скршеници? Каде се тие во приказната на светот? Моите автопортрети се исти како мене, несовршени, полни со страв и полни со надеж, со недостатоци, пукнатини, скршеници и лузни. Моите автопортрети, исто како мене, копнеат за исцелување. А кога ќе размислам, не копнееме ли сите?

Во што друго ги пресликувате вашата креативност и енергија?
Покрај сликарството, понекогаш пишувам поезија или кратки раскази. Инаку, во рамките на проектот „Маргини“, последниве два месеца одржувам сликарски работилници за деца во училиштата во општината Дебрца и тоа е нешто што навистина ме исполнува.