Средношколецот Иван Стефановски, ученик во трета година во СТУ „Таки
Даскало“ во Битола, кој има аутизам, денеска настапи пред своите соученици, професорите и родителите, свирејќи класична музика на електрично пијано, на музичко-поетскиот настан посветен на утрешниот Ден за свесност за аутизмот.
Иван Стефановски има завршено нижо музичко училиште и доста долго се
занимава со музика, свири пијано, гитара и доста е музички надарен. Психологот и образовен асистент Рената Димановска вели дека Иван е талентиран музичар и дека аутизмот воопшто не го спречува да ужива во музиката.
Денот на аутизмот во СТУ „Таки Даскало“ во Битола беше одбележан и со рецитации на наградени литературни творби на учениците на тема „Отворен свет за сите“. Имаше и ликовен конкурс на кој учествуваа и други ученици со аутизам.
– Денес нашето училиште е обоено во сино. Но јас како психолог, која постојано сум со децата од аутизмот, мислам дека секој ден треба да ни биде обоен во сино, и не само
во сино, туку во сите бои, зашто нашето општество се состои од богатство од различности и секој треба да придонесуваме со нашите постапки, ден доколку сакаме да изградиме инклузивно општество – рече координаторката на училишниот инклузивен тим, психологот Марија Младеновска-Димитровска.
Во СТУ „Таки Даскало“ настава во графичките паралелки посетуваат седум деца со аутизам. М.М.