Во финалниот дуел, Карлсен го победи Кшиштов-Дуда и води по два турнира од турнејата
ШАХ – ИНТЕРНЕТ-СЕРИЈА НА ШАМПИОНИТЕ
Светскиот првак, Магнус Карлсен (2.854 рејтинг-поени), победи и на вториот годинашен интернет-турнир во забрзан шах од серијата во шаховската турнеја на шампионите, откако во финалето го победи Јан Кшиштоф-Дуда (2.720). Во првиот ден од четирите предвидени партии (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој потег по играч), Карлсен славеше со 2,5-0,5, но во вториот ден загуби со 1,5-2,5, па сѐ се одлучуваше во дополнителните две партии со брзо темпо (пет минути по играч, плус две секунди). Карлсен и двете ги доби, како и наградата од 25.000 долари. Тој славеше и на првиот турнир.
Во полуфиналните дуели, Дуда го победи Лием Гуан Ле, а Карлсен беше поуспешен од Динг Лирен (2.752). Во четврт-финалето се пласираа и Давид Антон Гујаро (2.694), Ханс Неиман (2.624) и Давид Навара (2.700).
На вториот годинашен турнир настапија 16 врвни велемајстори, играа секој со секого, а првите осуммина се пласираа во четврт-финалето. Во регуларниот дел прв заврши Лием Гуан Лe (2.723), со 32 поена, Карлсен беше втор, со 29, а трет Жорден ван Форест (2.714), со 27 поени (победа носеше три поени, а реми еден поен). По два турнира, Карлсен има 63,5 поени, втор е Дуда со 25, трет е Јан Непомнијашчи со 22,5, но од еден настап. Турнејата е водечка онлајн шаховска турнеја во светот во брз шах, која го одредува најдобриот светски шахист во текот на целата сезона, а бодовите од секој турнир се собираат. До крајот треба да се одиграат уште шест вакви турнири, по што ќе следува и финалето. Вкупниот награден фонд на целата серија е 210.000 долари.