Прво утринско кафе, романтична вечера под свеќи или пак фамилијарен ручек под ведро и сончево небо се дел од работите во кои што можете да уживате во градината, па затоа ова едноставно парче од вашиот дом заслужува да биде уредено по ваш вкус, а првото пролетно сонце може да претставува повод за уредување на терасата и дворот.
Градината и терасата уредени во складни бои и зеленило може да ве опушти и за момент да заборавите на секојдневните грижи. Направете си своја оаза на мирот каде ќе уживате во миговите на одмор и релаксација.
За комплетно уживање, вашата градина и тераса треба да изобилуваат со зеленило и да пливаат во шаренилото на различни видoви на цветови. Доколку имате можност и простор одлично би било вашиот двор да го украсите со мала фонтана или базенче кои ќе ви овозможат дополнителна свежина и убавина на просторот.
Повеќе од сигурно е дека старите садови и предмети во домот можат да бидат искористени за разубавување на градината, односно дворот, и да им дадете малку поинакво уредување.
На пример, во стари автомобилски гуми можете да засадите цвеќе. За да имате поживописна и поуникатна глетка, гумите можете да ги обоите во различни бои со чија колоритност ќе придонесете за повпечатлив аранжман.
И старите канти од боја можете да ги искористите како саксии во кои ќе засадите цвеќе. Исто таква намена може да имаат и старите кошници. Со малку труд и фантазија можете да ги претворите во одлични цветни аранжмани.
Во градината или пак на балконот, можете да му најдете место и на вашиот старински сервис за чај или кафе кој е малку оштетен или веќе не ви се допаѓа за служење. Неговите шолји можат да ги заменат малите саксиички во кои ќе ги засадите вашите омилени кактуси на кои им е потребно само малку земја за да виреат и да го разубавуваат вашето опкружување.
Симпатична декорација за вашиот двор може да биде и стариот велосипед кој да ви послужи како држач за некоја од кошнците или кантите кои пртходно ги спомнавме. Исто така уникатна декорација може да направите и од стариот кафез за птици кој со малку фантазија ќе го преадаптирате во висечки цветен аранжман на вашиот балкон.