Со пораката на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, во пакет со блокадата од Бугарија за почетокот на преговорите со Унијата, продолжува неизвесноста за брз излез од чекалницата на ЕУ, влез во Унијата и реален почеток на нашата европска иднина. Македонија е ставена во „вакуум-простор“ во најтешкиот период за Европа, па и за светот, по Втората светска војна. Состојбата не е нималку розова ако се има предвид дека и некои други иницијативи за поврзување на државава, заради свој и регионален исчекор кон подинамичен стопански развој, се покажаа како јалови
Има ли крај за ЕУ-интегративната статус кво состојба и дали треба да се бараат алтернативи
Воената разврска на долгогодишната криза во руско-украинските односи за момент ги врати земјите од Западен Балкан високо на агендата на интересите на бриселската администрација. За една недела високи претставници на Европската Унија го посетија Балканскиот Регион со давање нова надеж за раздвижување на замрзнатиот процес на проширување на Европската Унија. Но, за жал, освен нови ветувања и поддршка на европскиот пат, балканските земји, меѓу кои и Македонија, не добија никакви конкретни сигнали дека во Брисел веќе е надминат „заморот од проширувањето“.
Стремежот за ЕУ да остане, но сами да направиме функционални институции и систем
Неделава македонските граѓани се соочија со реалноста дека нашата земја нема да добие датум за почеток за преговори доколку не се реши билатералниот спор со Бугарија, која нема намера да го симне ветото за Македонија. Тоа значеше продолжување на неизвесноста, а Македонија е ставена на „празен простор“ во најтешкиот период за Европа и светот, што го отвори и прашањето дали постојат алтернативи наместо долгогодишното исчекување за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Состојбата не е нималку розова ако се има предвид дека и некои други иницијативи што беа преземани, во смисла на поголемо регионално поврзување, се покажаа како недоволно „интегративни“ за земјите од Западен Балкан. Ова пред сѐ се однесува на „Отворен Балкан“, зад која стојат политичките лидери на Србија, Албанија и Македонија, кои не покажаа доволна заинтересираност да воспостават поголема активност во услови на најдлабоката криза во Европа.
Според мислењето на политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, тоа што се случува на геополитички план нема битно да ни ги промени нашите позиции, гледано низ аспект на проширувањето на Европската Унија.
– Со последната порака од Брисел јасно ни е кажано дека нема да бидеме примени во европската заедница. Наместо нашите политичари да нѐ убедуваат во спротивното, ние како држава треба да се свртиме кон себеси, а тоа е да направиме функционални институции, да се посветиме на намалување на корупцијата и криминалот. Основно е да го заштитиме нашиот интерес. Зашто, ако една ЕУ продолжува да тргува со рускиот гас во исто време кога се воведуваат санкции, исто така треба да се однесува и нашата држава. Треба да го гледаме примерот на Србија, која остана неутрална за време на замрзнувањето на односите меѓу Русија и западните земји. Не, не мислам дека треба да бараме некои нови партнерства или политички сојузи. Нашиот стремеж, секако, треба да остане Европската Унија, но да се запрашаме дали се тоа истите европски вредности за кои се залагаат и самите членки. Гледаме дека тоа што се заговара како европска вредност, де факто и не се применува во практика и конкретно низ примерот со Македонија. Потребно ни е мудро вртење во надворешните политики во зачувување на сопствените интереси. Прашањето што треба да си го поставиме е кој ќе ни ги надомести изгубените пазари за нашите земјоделски производи, по избивањето на руско-украинската криза – ни изјави Синиша Пекевски.
Македонската европска иднина е заглавена во Софија, а други опции се
речиси невозможни?!
Поранешниот македонски дипломат Драган Јањатов забележува дека македонската европска иднина е заглавена во преговорите со Бугарија, а други опции за нашата земја се речиси невозможни.
– Се случи тоа што го говоревме и претходно. Видливо е дека се подготвува терен да се почнат некакви преговори и да прифатиме некаква формулација што ќе ни се предложи. Македонија е таа што треба да ја проголта жабата. Немаме друг избор, а други опции нема да ни бидат дозволени по тоа што се случува на глобален план. Тоа што може да се направи на внатрешен план е поврзано од надворешните случувања – вели Јањатов.
Поради ситуацијата во Украина беше откажана средбата на лидерите на „Отворен Балкан“, која требаше да се одржи неделава, и е презакажана за во мај. Две од членките воведоа санкции кон Русија, но не и Србија. На прашање на Радио Слободна Европа, од македонската влада велат дека регионалната иницијатива не е загрозена.
Македонските земјоделци и возачи на камиони први го почувствуваа ударот од руско-украинската војна. Владата на Србија на 10 март забрани извоз на пченица, брашно, пченка и масло. Премиерот на Албанија, Еди Рама, на 13 март изјави дека Албанија преговара со Србија за набавка на дел од житарките, што претходно било договорено од албанските компани. Иницијативата, која на почетокот се нарекуваше мини-шенген, е основана во октомври 2019. Последниот состанок се одржа во декември 2021 година во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и инспекцијата на извозот на стоките.