Изложбата прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно им припаѓаат на првите генерации уметници, а ги обработуваат фазите на една жена до зенитот на нејзината зрелост
На самиот почеток од 20 век, интензивните социјалистички движења, меѓу другото, ја поддржуваа борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Над полувековната борба за родова еднаквост ја произведе Одлуката на Обединетите нации од 1975 година, 8 Март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената. По овој повод, Националната галерија веќе петта година по ред организира тематска изложба со посвета на овој ден и, наедно, испраќа честитка до сите жени.
– Изложбата насловена „Процут кон женственоста“, од колекцијата на Националната галерија, e поставена во просторот на „Чифте-амам“ до 15 март, отворена за јавноста за индивидуална посета, во согласност со протоколите. Изложбата прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно им припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата тесно поврзана со човечкиот животен циклус – односно фазите што претходат во растењето и оформувањето на една жена до зенитот на нејзината зрелост.
Селекцијата опфаќа дела што се дел од богатата збирка на Националната галерија – велат оттаму.
Изложбата има четириесетина дела, цртежи, графики, слики, скулптури, фотографија, мозаици. Застапени се нашите автори од првите генерации: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Никола Мартиноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски, Љубомир Белогаски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Димитар Кондовски, Ванчо Ѓорѓиев, Борка Аврамова, Катја Ефтимова и автори од југословенската колекција, како Петар Палавичини, Мирослав Краљевиќ, Златко Прица, Франце Краљ, Ристо Стијовиќ, Златко Латковиќ, Сретен Стојановиќ, Мирко Почуча, Андре Пате.