Американската вселенска агенција НАСА успешно лансира нов сателит. Станува збор за сателитот наречен ГОЕС-Т, кој е лансиран со помош на ракетата „Атлас 5“, од Кејп Канаверал на Флорида. Според официјалните информации, три и пол часа по полетувањето, сателитот се одвоил и продолжил кон својата локација.
ГОЕС-Т е најновиот сателит на американската Национална управа за океани и атмосфера и е еден од четирите од серијата ГОЕС-Р во вредност од 11,4 милијарди долари. Овој сателит ќе биде позициониран на височина од 35.900 километри над нашата планета и ќе извршува различни задачи, ќе им помага на научниците да ги следат временските системи и природните опасности на западната хемисфера. Исто така, ГОЕС-Т ќе биде преименуван во ГОЕС-18 кога ќе пристигне во геостационарната орбита и потоа официјално ќе стапи во употреба. Периодот за тестирање ќе го спроведе придружниот централен дел на САД, а потоа ќе биде преместен преку источниот дел на Пацификот.
За 2023 година се планира ГОЕС-18 да го замени ГОЕС-17, кој беше лансиран во 2018 година. Овој сателит е во функција, но има проблем со ладењето на инструментот АБИ.
Сателитот има различни задачи, вклучувајќи и следење на ефектите од бурите во Пацификот, како и пожарите во западниот дел на САД, вклучувајќи ги Алјаска и Хаваи. Неговите податоци може да се користат за откривање на најзагрозените локации, како и за предупредување на пожарникарите и јавноста. Исто така, ќе може да се користи за следење на вселенските услови, вклучувајќи соларни бури, за заштита на други сателити, електрична мрежа и друга инфраструктура. Првите кадри се очекуваат во мај или јуни.