Историјата покажува дека секогаш кога руската мечка го помрднувала само едното уво се треселе сите соседи, а кога мавтала со двете се тресела цела Европа. Инвазијата на Русија врз Украина како светски настан број еден не останува без одек во Македонија, што е сосема разбирливо. Еден од факторите што се појавија како изненадување на почетокот на војната е резултатот на објавената анкета дека добар дел Македонци, наспроти светското мислење, ја поддржуваат руската политика. Треба да се потсети дека не толку одамна речиси во сите анкети како најпопуларни политичари беа истакнувани турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот Владимир Путин.
Се појавија низа коментари и објаснувања од каде произлегува таквото проруско расположение меѓу македонските граѓани токму во време кога државата Македонија е веќе членка на НАТО и мака мачи да се приклучи кон Европската Унија. Пред нецела година на истите овие страници објавив текст за рускиот фактор и за словенските народи. Поточно, претставив едно мислење што го изнел Фјодор Достоевски пред 140 години, кое од денешен аспект може да се оцени како негова визија за Балканот и за односот на народите на неговите простори.
Што пишувал Достоевски пред 140 години? Може ли неговите мисли и изнесени убедувања што ќе се случува во иднина да се сметаат за некакво визионерство што се остварило? Читателите што го читаат овој текст ќе оценат сами.
Славниот руски писател, кој имал бурен живот, за да заработува пари да може да преживее, во еден период, освен големи романи, пишувал ангажирани дневни публицистички записи што ги објавувал во весниците. Поголем дел од нив е со политичка содржина, актуелна во конкретниот историски момент, со силни констатации за моќта на Русија и прогнози за иднината. Меѓу другото, има и десетици текстови што се отворени совети до царот, со препораки како тој да постапува и каква политика да води. Во дневникот пишуван во ноември 1877 година, во повеќе наврати се осврнува на долгогодишната руско-турска војна и за улогата што ја имала Русија во ослободувањето на народите на Балканот, со посебно гледање на словенските народи. Во таа војна, Русите ја ослободиле Бугарија од турското владеење, победа извојувана со многу руски жртви.
Во еден текст, Достоевски си го поставува прашањето како ќе живеат, како ќе се однесуваат, како ќе се организираат словенските народи на Балканот по нивното ослободување од Турција, дали ќе им бидат благодарни на руската војска и држава. На тие прашања самиот дава одговори, кои опфаќаат еден поширок дијапазон на предвидувања, но главно со антируски определби. Неговите претпоставки се дека тие народи може да формираат некаква федерација на ослободените „ситни племиња“, што е помала можност, или ќе формираат мали посебни, самостојни држави.
Не прогнозира, но ја дозволува можноста Србија да се шири кон Босна. Исто како Србија, така и Бугарија ќе сака да ги проширува своите територии. Во таа смисла изразува сомнеж како на тие евентуални промени би реагирале Грците и Романците, кои, исто така, покажуваат територијални аспирации и не би седеле незаинтересирано, со скрстени раце. Би дошло до војна за териториите. Не ја споменува Македонија, но таа е територијата што сѐ уште не била формирана како држава и, со самото, тоа, подложна на освојување.
Едно од неговите клучни прашања е дали ослободените самостојни земји ќе бидат помалку или повеќе независни или ќе бидат под покровителство и контрола на тогашниот Сојуз на европските држави (денес Европската Унија). Самиот го дава и одговорот. Предвидува дека тие држави веднаш ќе ѝ го свртат грбот на Русија и сами ќе го молат европскиот сојуз да бидат под негов патронат. Тие ќе бараат од Англија и од Германија, на пример, покровителство и гаранции за нивната слобода.
Но што е она што ќе се случи потоа – е уште едно прашање што пред руската јавност го поставува славниот писател. Според убедувањето на Достоевски, словенските народи на Балканот во наредните сто години ќе станат непријатели на Русија, ќе почнат да шират голема омраза и клевети за неа, во најлошо светло ќе ја претставуваат земјата ослободителка. Наместо да изразуваат благодарност, гласно ќе зборуваат и јавно ќе објавуваат написи во весниците дека едвај се спасиле од „руската мечка“, од тоа „лукаво и варварско големо руско племе“. Истите тие ќе зборуваат полошо за Русите отколку што зборувале за Турците, под чиј јарем биле со векови.
Тие словенски народи наредните сто и повеќе години ќе се плашат од својата слобода, ќе се плашат од самата Русија, ќе ја одбегнуваат, ќе сплеткарат, ќе шират интриги против неа, а истовремено на големо ќе им се умилкуваат на европските држави. Луѓето што ќе застануваат на страната на Русија и ќе ја поддржуваат руската политика ќе бидат во малцинство и како такви ќе бидат изложувани на критика, на потсмев, ќе бидат подложени на омраза, па дури и на политички прогони.
Достоевски предупредува дека Русија треба сериозно да биде подготвена за идното однесување на Словените, кои со одушевување ќе се свртат кон Европа до степен на губење на својата национална индивидуалност, својата култура и традиции. Тој вели дека тие ќе се заразат со вирусот на европските институции, но ќе имаат долг пат кон европеизацијата, губејќи го полека својот идентитет, а со тоа и значењето како словенски народи. Иако кај народот долго ќе биде присутно чувството дека Европа ниту била ниту може да биде вистинскиот пријател, ниту од неа може да се очекува помош во некоја поголема неволја, ќе се трудат да се стават под нејзиниот чадор.
Во тие околности балканските народи во различните држави постојано ќе бидат раскарани, за многу нешта нема да се согласуваат, меѓу себе ќе си подметнуваат и ќе се клеветат, нема да живеат во слога. Нивното единство ќе се распадне, нивната националност ќе исчезне во европскиот океан како што исчезнуваат неколку поединечни капки вода во морето. Според Достоевски, Русија цел еден век попусто ќе треба да се бори со ограниченоста и тврдоглавоста на Словените на Балканот, со нивните лоши навики, со нивното предавство на словенството во полза на европската алчност и нејзините интереси.
Така пред 140 години пишуваше Фјодор Достоевски, авторот на романите „Злосторство и казна“ и „Браќата Карамазови“, автор што се изучува речиси на сите факултети во светот каде што се учи предметот Литература и психологија на литературата. Но што, за разлика од него, покажуваат печатените документи архивирани од истиот тој период, што кажува науката, што зборуваат фактите за влијанието на рускиот фактор, особено за Македонија и Македонците, кои руската наука и политика ги смета за Словени?
Наспроти македонските стремежи за создавање сопствена држава, тогашна царска Русија планирала и настојувала Македонија и нејзиниот народ да ги подели или да ги приклучи кон една балканска држава. Тие настојувања се јавиле уште од крајот на 18 век и траеле сѐ до поделбата меѓу Србија, Бугарија и Грција. „Русија, во својата балканска политика, најпрво, Македонија ја вклопуваше во нејзиниот проект за голема Грција, потоа, до 1870 година, во проектот на голема Србија – од Дунав до Места – а по 1870 година во голема (Санстефанска) Бугарија. На крајот, разочарана од неблагодарноста на владите на тие државички и соочена со противењето од другите европски сили; соочена со нереалноста на тие проекти, Русија зазема радикално поинаков курс – курс кон делење на географска и етничка Македонија во корист на балканските држави (на Србија, Бугарија и Грција). Како дефинитивна потврда е и ставот на Русија, која силно го поттикнувала и поддржала Букурешкиот договор од 1913 година, кога географска Македонија е поделена на три дела.
Уште во 1897 година, Русија склучила тајна спогодба со Австро-Унгарија, тогаш важен фактор на Балканот, со која се договориле на полуостровот да се создаде уште само една држава – Албанија. Исто така, грофот Ламсдорф, министер за надворешни работи на Русија, се договорил со Австро-Унгарија и со Франција да не се употребува името Македонија, кое асоцирало на политичка единица, туку, наместо Македонија, да се употребува терминот „трите турски вилаети“ – Солунски, Битолски и Скопски, и тоа да важи „ерга омнес“, за секаква употреба, и за другите европски држави. И да не се употребува името Македонци туку описниот термин „христијанско население на трите турски вилаети“.