Сергеј Сарчевски, режисер и кинематографер
Младиот режисер и директор на фотографија Сергеј Сарчевски има снимено десетина кратки филмови: „Што крие дождот“, „Украдена насмевка“, „Шише“…, а најнов во низата е „Баунти“. Филмот обработува приказна за длабоко емотивна врска помеѓу родител и дете, а сценариото е базирано на расказ од српскиот писател Владимир Скочајиќ-Скоча. Во главните улоги играат Илија Волчески, Марија Кондовска и Александра Пешевска. Продуцент на филмот е Игор Цветковски.
Сарчевски е млад кинематографер, кој дипломирал на универзитетот „Вестминстер“ во Лондон, Англија. Отсекогаш имал голема љубов за уметностите, а особено за филмот и фотографијата.
Сценариото е базирано на расказ од српскиот писател Владимир Скочајиќ-Скоча. Како се случи да го преточите расказот во краток филм? Каков филм е „Баунти?
– Тоа е филм што на еден начин го отсликува денешното време, пред сѐ односот меѓу луѓето, особено меѓу најблиските. Односот помеѓу една мајка и нејзиниот син, толеранција и почит наспрема очекувања и обврски и љубовта што е изгубена некаде помеѓу. Расказот на Владимир Скочајиќ, кој е прекрасен раскажувач, е всушност заснован на вистински настан, случка што тој ја забележал од неговиот прозорец. Самиот расказ, всушност, има еден филмски елемент, самиот по себе е одлично поставен да биде филмуван и беше одлична можност да го остварам тоа. Филмот ја обработува темата мајчинство од перспективата на еден син, односно односот на децата кон родителите и нивното земање „здраво за готово“ на сите придобивки. Секако, би сакал да им се заблагодарам на целата моја екипа и на глумците што неуморно работеа и без кои не би можел да го остварам овој проект.
Каква порака носи филмот?
– Се надевам дека „Баунти“ ќе отвори многу прашања и ќе ја „разбуди“ публиката за оние суптилни, но толку важни релации помеѓу најблиските. Многу често токму кон најблиските се однесуваме несвесно и импулсивно, честопати грубо, мислејќи дека близината ни дава оправдување за суровоста и имунитетот од емоции. Со „Баунти“ се обидов да ги нагласам тие суптилности и нијанси на човековиот карактер и да ги извадам на виделина.
Имате солидна продукција на кратки филмови, какви филмови сакате да создавате?
– Мојот прв краткометражен филм го снимив со мобилен телефон на 12-годишна возраст, што за мене беше фасцинантно искуство и едноставно само продолжив по таа патека. Сега конкретно се фокусирам во струката директор на фотографија, но понекогаш сакам да избегам во светот на режијата каде што најчесто ја обработувам кратката играна форма. Не знам да кажам точно какви филмови сакам да создавам, но гравитирам кон „посериозни“ жанрови, во смисла на драма, трилер, мистерија, па и хорор, како во претходниот филм „Афтерпарти“. Најмногу ме возбудува визуелното креирање атмосфера, „боењето“ и играта со светло не би можел со ништо да ги заменам.
Каков беше процесот на созревање како режисер?
– Тврдам дека филм најдобро се учи со правење филмови, но исто така и со гледање филмови, добри и лоши. Интересно, мислам дека ме привлекувале ист тип филмови уште од мал, но сега можам да согледам и зошто е тоа така, кои се техниките што ги употребил режисерот или директорот на фотографија, која е нивната цел во приказната и како е постигнат резултатот. Факултетот ме научи на критичка анализа, а процесот на созревање cѐ уште трае.
Го одбравте колеџот „Вестминстер“ за надградба на вашиот талент, ги исполни ли вашите очекувања?
– Студиите во Лондон ми беа остварен сон од детството. Ја паметам мојата прва посета на Лондон во 2014 година кога си реков „е јас тука ќе студирам“ и четири години подоцна се оствари тоа. Одделот за филм на универзитетот „Вестминстер“ е еден од најпознатите и меѓу најстарите во Обединетото Кралство, со значајна репутација и кредибилитет, каде што имаат дипломирано големи имиња. Се дава големо значење на практичната работа, односно на снимањето, каде што секој добива шанса да го испроба секое поле од филмската работа пред да се насочи во конкретен оддел. Продукциите и проектите во состав на универзитетот се на врвно ниво, еквивалентни со сериозни филмски продукции, каде што се работи со стриктно одредени пристапи, со врвна филмска опрема. Ни беа дозволени експериментирање и испробување различни техники и методи што мислам дека беше клучно секој поединец да се дознае самиот себе како уметник.
Се стимулираат ли доволно младите режисери кај нас?
– Мислам дека сме во недостиг од континуирана и структурирана поддршка од страна на државата кон сите уметници генерално. Но тоа што можам да го забележам е дека има сѐ повеќе млади што своеволно навлегуваат во оваа индустрија. Се радувам на тоа и се надевам дека квалитетот ќе расте.