СДСМ и ДУИ да престанат со употребата на путинизмот и Русија во пресметка со опозицијата и својата енергија да ја фокусираат за ЕУ, како чин на европеизација, а не бугаризација
Деновиве, во интервју на една телевизија, бев запрашан дали Владата на Македонија ќе ја употреби војната во Украина, за свои тесни интереси, за свој политички опстанок. Тогаш не одговорив директно, но директниот одговор е да. Владата ќе се обиде да ја употреби војната во Украина на две полиња: првото, бранот на „депутинизација“ на Европа да го употреби во пресметка со опозицијата, второто, својата неспособност да ја прикрие со последиците од санкциите и растечките цени на глобално ниво. Ќе се задржам само на првото.
Агресијата на Путин врз Украина сигурно го продлабочува јазот меѓу Западот и Истокот, фаворизира „decoupling“ или раздвојување на двете страни во сите сфери од политика преку економија до спорт и силен бран на „депутинизација“ на Европа и кај Западот. Во неполн еден ден е разрешен министерот за одбрана на Бугарија зашто одби да ја именува состојбата во Украина како војна. Тука Владата, односно СДСМ, уште првиот ден виде шанса за пресметка со опозицијата, пред сѐ, со ВМРО-ДПМНЕ. И претходно се користеше Путин во нападите врз опозицијата, за што пишував уште во 2014 година во „Измислување русофилство“, а за последен пат тоа го правеше ДУИ за АнА околу локалните избори. СДСМ-ботовите, но и некои политички коментатори од првиот ден започнаа со прозивки на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и подметнува приказни за про Путин позиции. Наративот е Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се про Путин, опасни се и не треба да им се дозволи да дојдат на власт. Вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ има јасни позиции за поддршка на Украина, нејзиниот територијален интегритет и независност. ВМРО-ДПМНЕ поднесе и ќе работи со ЛДП и ДОМ на усогласување декларација за Украина во македонското собрание, што ќе биде еден од ретките моменти на политички дијалог и консензус во Македонија.
Втората употреба ја направи Стево Пендаровски, претседателот на Републиката, кој со добра намера да ги поттикне ЕУ-интеграциите, изјави загриженост за растечката поддршка на Путиновата Евроазиска унија. Јасно поттикнато од тезата дека ЕУ ќе се придвижи само со перцепција на геополитичка закана од Путин.
Двете работи се погрешни бидејќи создаваат перцепција дека Македонија и Македонците се про Путин, што не е точно, и со тоа поддржуваат перцепција на Западот дека Македонија и Македонците не се доверлив партнер и сојузник на НАТО и на ЕУ. Точно е дека има про Путин сили во Македонија, но тие се на маргините и се незначителни. Одредена видливост на про Путин позиции на Фејсбук и Твитер не може да биде показател на реална и голема поддршка на Путин, бидејќи најголем дел е реакција на лицемерството на Западот кон Македонија. За ова пишував посебно во „(Анти)Американизам“ во 2012 година, на моите коментаторски почетоци. Последниот пример на лицемерство е дека ЕУ замижува пред јасните позиции на Бугарија нашето членство во ЕУ, наместо чин на европеизација, да го претвори во чин на бугаризација на Македонија. Истата таа Бугарија, која е за експресен прием на Украина во ЕУ, става вето и ја блокира Македонија. Како да не пукнеш од овој излив на лицемерство кон европските вредности. Не, тоа не е путинизам, тоа е само револт кон ЕУ и Западот.
Македонија има основен општествен договор за евроатлантска интеграција, суштински, вредносно, интересно, во секое поле и во секоја смисла поврзана е со Западот. Пример, образованието како цивилизациски показател. Пред десет години, верувам не е сменето: 198.856 ученици изучувале англиски јазик како прв јазик наспроти 81 ученик, кои изучувале руски јазик како прв јазик, а од вкупниот број ученици што изучуваат странски јазик, вклучувајќи и прв и втор јазик, 68,5 отсто изучуваат англиски јазик, 16,8 отсто француски јазик, 13,7 отсто германски јазик, и по 0,5 отсто руски и италијански јазик. Какви се тие путинисти, кои не го учеле големиот јазик на Достоевски? Германија е водечки трговски партнер на Македонија, со ЕУ се остварува над 70 отсто од трговската размена, додека Русија не е ниту меѓу првите десет трговски партнери на Македонија. И покрај целото лицемерство на Западот кон Македонија, низ сите овие години, поддршката за НАТО и за ЕУ е поголема од половина и поголема од поддршката во земји-членки на НАТО и на ЕУ.
Македонија верува во глобалното водство на Западот, Македонците во Германија, а Албанците во САД, што патем е причината зошто Франција не нѐ сака во ЕУ. Македонија верува во пријателството на Германија и на Турција, двете земји-членки на НАТО. Низ годините вербата во глобалното водство на Путин и неговото пријателство кон Македонија е маргинално, помало од статистичка грешка во анкета на јавно мислење.
Македонија и Македонците имаат општествен договор за НАТО и за ЕУ и се доверливи партнери и сојузници на Западот, што го потврдиле низ минатите децении. Затоа СДСМ и ДУИ да престанат со употребата на путинизмот и Русија во пресметка со опозицијата и својата енергија да ја фокусираат за ЕУ како чин на европеизација, а не бугаризација (м.з. сакаме европеизација, а не бугаризација е позајмено од Малинка Ристевска Јорданова, поранешна раководителка во СЕП и посветен борец за ЕУ-членство).
За разлика од Андреј Ковачев, виден ЕУ-пратеник од Бугарија, кој си дозволува да коментира за нашите празници, посебно 11 Октомври – Денот на востанието, за крај честитки за 3 Март, Националниот ден на Бугарија. Јас имам доблест да го честитам празникот без разлика што асоцира на великобугарскиот санстефански сон, бидејќи Бугарија го одредила за свој празник и го почитувам тоа.
Авторот е аналитичар* *Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk
@sklek #Ukraine #Украина #Слава Україні!