Од почетокот на конфликтот околу 350.000 Украинци влегоа во Полска, информираше денеска полскиот заменик министер за внатрешни работи, Мациеј Васик.
– Во последните 24 часа, 100.000 лица ја минаа полско-украинската граница, додаде Васик за „Полски радио 1“. Тој појасни дека вкупно, од четвртокот, бројката изнесува 350.000 бегалци. Според Обединетите нации, вкупниот број на лица кои побегнале од Украина изнесува над половина милион. Повеќе од 500.000 лица избегаа од земјата кај соседите, изјави високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
Стотици илјади се раселени внатре во самата Украина, но, портпаролот на УНХЦР, Крис Мелзер, појасни дека е тешко да се каже прецизен број.
Координаторот за хуманитарна помош на ОН, Мартин Грифитс истакна дека организацијата се обидува дополнително да ѝ помогне на Украина, но, за тоа треба повеќе пари и безбедносни гаранции.
Според агенцијата ДПА, вкупно 119 хуманитарни организации моментално се активни во Украина.
Бразил планира да воведе „хуманитарен пасош“ за прием на бегалци од Украина, изјави претседателот Жаир Болсонаро.
Бразилскиот претседател најави дека мерката што би требало да стапи на сила најдоцна до задутре е дел од напорите на земјата да ги прими сите евентуални бегалци од Украина.
Болсонаро истовремено ја повтори својата „неутрална“ позиција по однос руската воена интервенција во Украина, изразувајќи уверување дека конфликтот наскоро ќе заврши, како и дека Бразил се залага за „мир во целиот свет“.
Инаку, бразилскиот претседател во изјавата дадена за радио „Ховем Пан“ потсети на бројната украинска заедница што живее во Бразил.
Украинската агенција „Укринформ“ пренесува податоци на ОН според кои од почетокот на воените дејствија Украина ја напуштиле повеќе од половина милион луѓе, додека се регистрирани и 160 илјади внатрешно раселени лица.