Во предвидувањата за крајот на војната
САД прецизно го предвидоа почетокот на војната во Украина, но предвидувањето на начинот на кој ќе заврши се покажува значително потешко, пишува „Њујорк тајмс“.
– Постојат три канали за преговори, од лидерите на Франција, Израел и Турција, како и од новиот германски канцелар. Но досега наидоа на одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да се вклучи во сериозни преговори. Во Пентагон има различни модели за конфликтот – за негово продолжување, или пак, според кои Путин ќе го постигне она што се смета за првична цел – поврзување на Русија преку копно со Крим. А постои и пострашно сценарио според кое членки на НАТО би биле вовлечени подиректно во конфликтот, случајно или со намера – пишува американскиот весник.
Американските и европските политичари се согласуваат дека следните две до три недели ќе откријат дали Украина ќе издржи и ќе преговара за крај на војната. Засега и најосновниот напредок за воспоставување на хуманитарни коридори се покажува како неостварлив.
– Минатата недела портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача воените дејствија би прекинале доколку Украина го измени уставот и прифати неутралност, доколку ја признае независноста на Донецк и Луганс, како и оти Крим претставува дел од Русија. Во интервјуто за „Еј-би-си“ следниот ден, украинскиот претседател Владимир Зеленски делуваше изненадувачки отворен за таквата можност, истакнувајќи дека Украина се „оладила“ од намерата за приклучување на НАТО, како и дека треба да се „разговара и да се изнајде компромис за начинот на кој ќе продолжат да функционираат посочените територии“. Но не е јасно дали Путин би прифатил таков договор, со што американските и европските политичари сметаат дека најголема надеж за за крај на конфликтот би била доколку Путин прифати оти мора да ги намали целите додека државата се соочува со санкции – се вели во анализата на „Њујорк тајмс“.
Директорот на ЦИА, Вилијам Бурнс порача дека очекува „грди неколку недели“, а директорот на Одбранбената разузнавачка агенција Скот Бериер минатата недела напомена дека постои ограничување во однос на временскиот рок во кој Киев би можел да го издржи стисокот на руските сили кои напредуваат од исток, север и југ. Тој смета дека Киев би издржал 10 дена до две недели со прекинот на снабдувањето. Пензионираниот американски адмирал Џејмс Ставридис направи паралела на ситуацијата во Украина со војните на просторот на поранешна Југославија.
– Најверојатниот крај е поделба на Украина – вели Ставридис, посочувајќи го како модел за Украина крајот на војните на Балканот од 90-те години.
Во Пентагон постојат мислења и дека одржувањето на притисокот врз Русија е клучно за крајот на војната.