Трет ден се трага по исчезнатиот 10-годишен Петар. Нему му се загуби секаква трага во петок попладнето од селото Врбско во Мариово. Не даде резултат и досегашната полициска потрага, потрагата од доброволци, од спасувачката служба, на пожарникари, со хеликоптер. И денеска потрагата продолжува, информираат од СВР Битола. Вклучени се 100-тина полицајци со хеликоптерска поддршка.
Во меѓувреме, прилепското основно јавно обвинителство отвори предмет за исчезнатото дете. Како што информираа, доцна во текот на вчерашното попладне, сослушани се родителите и повозрасниот брат на Петар, 19-годишниот Димитар.
Во разговорот со таткото на исчезнатото дете, Стојан Џобоски, тој објаснува дека последно го видел во петок откако го испратил со братчињата да наполнат вода од кладенец. Тој работел на селската куќа, пренесува МИА, а сопругата подоцна му кажала дека го нема нивниот син.
– Работев на покривот од куќата. Дојде Петар, малку тажен, не го зеле братчињата кои тргнаа да наполнат вода од кладенец кај селото. Го пратив да појде. Работев, но подоцна сопругата дојде и ми кажа дека го нема. Се упативме да бараме во околината, појдов по патеката, па да не заминал во погрешен правец, но никаде не го најдов. Почна да се стемнува, тогаш побарав помош. Бараа и од полицијата, ловџии, доброволци од селото Витолиште. Не може да го најдеме. нема трага, ниту од алиштата, ниту од него – вели Стојан Џобоски.
И братот на Петар, 19-годишниот Димитар вели дека не знае ниту може да претпостави каде е.
– Го видов со шишето за полнење вода, се вративме, тој беше таму. Само некако тажно ја погледна мајка ми, а потоа не знам, како да замина некаде – вели Димитар.
Џобоски вели дека вчера бил сослушуван од полицијата и од Обвинителството.
– Ми рекоа се да раскажам, им кажав што правев, што работев, кога последно го видов. Ме прашуваа, како да не ми веруваат. Ми рекоа да не си го удрил, па паднал, се онесвестил, па ме фатило паника и некаде сум го однел. Им реков не е така. Го нема и затоа ги побарав да ми помогнат. Не знам што се случило, дали е во поблиската околина или е подалеку, треба да се трага. Луѓе не видов во околината, ама да не имало дивеч, вели Стојан Џобоски.
Полицијата ја продолжува потрагата, по исчезнатиот Петар. Доброволци се јавуваат да помогнат, а отворен е бројот на дежурната служба во Витолоште. Бројот на дежурната служба во Витолиште е 071 268-594. Инаку, таткото на 10-годишниот Петар денеска побара адвокат.