Во периодот од 17 до 24 февруари, со жичницата до врвот на Водно се возеле 4.629 граѓани, односно само за време на викендот 3.854 граѓани го посетиле Водно и ја користеле жичницата. Овој податок говори дека е голем ефектот од реактивирањето на жичницата по барање на граѓаните.
Жичницата до врвот на Водно и трите автобуски линии што сообраќаат до Средно Водно повторно се во функција од 30.12.2021 година. Во периодот ноември-март, жичницата работи секој ден од 10 до 17 часот, освен понеделник и секој последен вторник во месецот поради редовно сервисирање.
За возење во жичницата важат протоколи за заштита од ковид-19 – во кабина се дозволува превоз максимум на четири лица, кои имаат обврска да носат маска. Кабините се дезинфицираат трипати во текот на денот.
За граѓаните, на користење се отстапуваат и два транспортера за превоз на домашно милениче куче со мал или среден раст, а дозволен е и превоз на куче придружник на лицата со хендикеп.
До Средно Водно сообраќаат три автобуски линии, и тоа бројот 25 од Транспортен центар до Средно Водно, сообраќа секој ден освен понеделник, како и броевите 25А од Автомакедонија до Средно Водно и 25Б од Дом на печат до Средно Водно, кои сообраќаат само за викенди и државни празници. Сите три линии за време на викендите и државните празници се бесплатни за граѓаните. Возниот ред за овие три автобуски линии граѓаните можат да го погледнат на интернет-страницата на ЈСП Скопје.