На Русија всушност повеќе не и се потребни дипломатски односи со Западот, нагласи поранешниот претседател на Русија, и висок безбедносен функционер Дмитриј Медведев, отфрлајќи ги западните санкции наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Медведев тврди дека санкциите кон Русија му даваат добра причина да се повлече од дијалогот за стратешка (нуклеарна) стабилност и, потенцијално, од Новиот договор за намалување на стратешкото оружје (Нов СТАРТ) потпишан со Вашингтон во 2010 година и продолжен во 2021 година.
-Не ни требаат особено дипломатски односи… Време е да ги затвориме амбасадите и да ги продолжиме контактите гледајќи се меѓу себе низ двоглед и низ нишан-напиша Медведев на својата страница на руската социјална мрежа Вконтакте (ВК).
Медведев, тврди дека „западните“ санкции нема да променат ништо“.
-Москва ќе ги продолжи своите воени операции во Украина додека не ги постигне целите дефинирани од претседателот Путин. Санкциите се воведуваат поради една едноставна причина – политичка импотенција која произлегува од нивната (западна) неспособност да го сменат курсот на Русија-напиша Медведев.
Тој ја осуди одлуката на Советот на Европа, тело за човекови права, да го суспендира руското членство како „навистина неправедна“, но додаде дека овој потег е добра причина да се „затвори вратата“ на организацијата, давајќи и на Русија шанса повторно да воведе смртната казна.