Руската армија го стега обрачот околу Киев, а од 4.30 часот по локално време експлозии одекнуваат во Киев. Од вчера се водат жестоки борби. Се слушаат сирени, а голем број луѓе ги напуштаат градовите.
Дел од населението на Киев се крие од воздушни напади во засолништа и станици во метрото. Повеќето од нив ги имаат само најпотребните работи со себе, а спијат на столчиња и картони.
„Би-би-си“ вчера разговараше со Светлана, училишна работничка.
– Не разбираме што правиме сега – одиме на место каде што можеме да бидеме безбедни – вели Светлана која е загрижена за нејзиното семејство кое живее во Мариупол, пристанишен град на југоисток.
– Не можам да кажам се што чувствувам. Многу сум исплашена – додала Светлана.
Дел од населението на Киев синоќа се обиде да најде засолниште во подрумите на зградите и училиштата.
„Би-би-си“ вчера разговараше со еден од 900.000 резервисти на украинската армија, Марко, кој вели дека е подготвен да биде повикан да се бори против Русија.
– Немаме друг начин. Мораме да ја браниме нашата земја. А можеби и да умреме во оваа војна – рече тој велејќи дека е подготвен да биде убиен, борејќи се за секој милиметар Украина.
– Тоа е само еден начин – ако нашата војска дојде кај мене и рече дека мора да умрам за мојата земја, ќе го сторам тоа – порача резервистот.