Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени
Добра Вода
Некој може не чул,
ниту е во мода,
планина со вакво име,
токму вака: Добра Вода!
Но, целото Порече,
со сета своја рода,
посебно го гордее
убавата Добра Вода!
А моето Ботуше,
зошто да се крие,
во нејзините пазуви –
среќно, топло, спие!
Плакенска Планина
Над реката Црна,
тенка снага крие,
во своето срце –
само руда крие.
И шума дабовита,
украс е свиден,
но, со него, не знам –
што утре ќе биде!?
О, колку е тажен,
што за врв од игла,
од него повисока –
велат била Бигла!
Руен
Не е многу свиден,
ниту пак е чуен,
ама, сепак, мислам –
Руен си е Руен!
Кочани и Кочанско,
од старо до дете,
о, колку го сакаат –
руенскиот ветер!
Руен е руј-румен,
рујноста го краси,
од врв горе високо –
зората се гласи!
Конечка Планина
Според Конче конечно,
како грозд султанина,
високо се дигнала
Конечката Планина.
Кончани се радосни,
љубов им е прва:
никогаш не страдаат
за огревни дрва.
Стихот ми се кончи,
мислата ми лета,
по Конечка Планина –
би сакал да шетам!
Сува Гора
Штом ќе чуеш:
Сува Гора,
ќе те мачи –
тешка мора!
Од жед голем –
коњче ’ржи
на врв горе –
камен пржи!
Што ќе чуеш:
Сува гора,
суви мисли –
ќе те морат!
Жеден
Меѓу Скопје и Тетово,
како патник вреден,
застанал крај патот,
се исправил Жеден.
Нигде извор вода,
нигде за жед абер,
само ситно џбуње,
некој ситен габер!
Овде-онде Жеден,
има простор тревен,
таму добиток пасе,
таму не е гневен!
За авторот
Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.