Искуства на граѓаните со дел од онлајн продавачите
„Порачав патики ми стигнаа влечки (апостолки – н.з.)“, „нарачав крема за веѓи, стигна празна, а чајот што го порачав беше спакуван во минијатурно пакетче. Катастрофа се, им пишав на страницата и само ми ги бришат коментарите“. „Порачав рачен блендер, ми пратија сецко. Кога реагирав, ме убедуваа дека и двете ја вршат истата функција и дека немало потреба од замена. Страшно“. „Порачав апаратче за бркање кучиња, а добив обична светилка. Кога почнав да им пишувам на страницата од каде што порачав, ме блокираа“. Ова е само мал дел од коментарите во фејсбук-групите каде што незадоволните купувачи ги споделуваат своите искуства и предупредуваат за измамите кои им се случиле при порачување на производи од онлајн-продавници на социјалните мрежи.
Оштетени или производи со лош квалитет, производи со погрешна големина, боја, или едноставно неиспорачан производ, се најчестите забелешки кои стигнуваат на адреса на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) која се грижи за квалитетот на услугите кои се испорачуваат до граѓаните. При одбележувањето на Светскиот ден на правата на потрошувачите – 15 март, ОПМ објави дека во изминатава година 10 отсто од пристигнатите поплаки од потрошувачите биле токму на онлајн продажбата.
Со појавата на пандемијата и потребата од социјално дистанцирање, онлајн-продажбата стана една од најразвиените продажни гранки во земјава, како и во светот. Социјалните мрежи се преплавени со евтини понуди за онлајн-продажба, кои не секогаш го доставуваат она што се наоѓа во понудата.
– Порачав два „ЏБЛ“ црни звучници, а ми стигнаа два златни од марката „Аполо“ – стои во коментарот на еден од измамените купувачи, кој појаснува дека и по бројни јавувања и преписки не добил замена на производите, по што бил блокиран за да не може повеќе да се јавува и да пишува коментари на страницата на продавачот.
Во ОПМ најчесто стигнуваат поплаки за лош квалитет на нарачаните производи.
– Поплаки од потрошувачи кои се измамени при онлајн-продажбата се најчести меѓу оние кои стигнуваат на наша адреса. Најчести се поплаките за лош квалитет, оштетен производ, погрешна големина и боја и притоа истите не се заменуваат или враќаат парите од страна на продавачот, како што им било претходно понудено и презентирано во понудата на купувачите – велат од ОПМ, додавајќи дека барем пет поплаки дневно се поврзани со онјалн-продажбата, а многу поголем е бројот на тие што „кренале раце“ од барање на правдата.
Оштетените купувачи на социјалните мрежи секојдневно споделуваат негативни искуства од онлајн-купувањето во кои ги посочуваат „лажните“ односно страниците кои доставуваат производи со лош квалитет, за да ги предупредат граѓаните да не порачуваат од истите, бидејќи тие веќе биле измамени и изманипулирани.
– Лани порачав лустери, и стигнаа испокршени. Меѓутоа, не ја оставив така работата. По повеќе дневни културни преписки и јавувања, им се заканив дека ќе ги пријавам во полиција и во инспекција. Тоа најверојатно ги исплаши, па за два дена ми пратија заменаа – стои во еден од коментарите.
Со оглед на тоа, што денес секој на социјалните мрежи може да отвори профил и да рекламира каква било понуда, од ОПМ велат дека купувачите порачките ги прават на сопствен ризик, бидејќи не знаат дали купуваат од легална или нелегална онлајн продавница.
– Најголемиот проблем кај нас е тоа што сè уште немаме некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп. Секојдневно се гаснат и се појавуваат нови профили. Затоа потрошувачите се тие кои што треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, добро да истражат од кого купуваат, бидејќи измамите од овие фиктивни продавачи на социјалните мрежи се бројни и купувачите ќе неможат да ги заштитат и да ги оставрат своите права – конататираат од ОПМ.
Од Организацијата за заштите на потрошувачките права додаваат дека чести се случаите на злоупотреба на личните податоци, банкарски картички и слично, и дека таквите случаи граѓаните треба веднаш да ги пријават во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и Агенција за заштита на личните податоци.
– Доколку граѓаните се одлучат за купување од социјалните мрежи, најважно е да проверат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана само како онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на е-маил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/фактура или сметко-потврда. Сето тоа е важно при откривање на лажните продавачите, бидејќи тие не се регистрирани, не издаваат фискална сметка, гарантен лист, фактура и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника – препорачуваат од ОПМ.
Се очекува онлајн-купувањето и натаму да бележи подем, при што споделувањето на негативните искуства на граѓаните треба да придонесе за зголемување на претпазливоста на при купување од онлајн-продавници на социјалните мрежи, односно за избегнување на измамите.