Владата на Непал денеска на гласање во Парламентот ја претстави спорната американска помош од половина милијарда долари, што предизвика нов судир меѓу демонстрантите и полицијата пред зградата на законодавното тело.
Стотици демонстранти се собраа пред Парламентот фрлајќи камења кон полицијата во обид да ги пробијат барикадите од бодликава жица.
Полицијата одговори со сила, удирајќи ги демонстрантите со бамбусови палки и употреби солзавец и водени топови. Има повредени од двете страни.
Двете комунистички партии кои се дел од коалициската Влада тврдат дека условите во договорот за грант ќе надвладеат над непалските закони и ќе го загрозат суверенитетот на земјата.
Тие наведуваат дека тоа е дел од индо-пацифичката стратегија на Вашингтон, чии воени компоненти би можеле да доведат американски војници во Непал.
Американските власти неодамна разговараа со непалските лидери за да ги уверат дека грантот се однесува само на развојот на Непал, изградба на далноводи и подобрувањето на патиштата.
Непалскиот министер за информации Ѓанендра Бахадур Карки го претстави предлогот пред Парламентот, додека неколку пратеници протестираа.
Се очекува расправата во Парламентот да трае неколку дена.
Седницата првично беше планирана за изминатата среда, но беше одложена поради несогласувања меѓу партиите и судири меѓу демонстрантите и полицијата пред Парламентот.