фото: МИА

Граѓаните кои вчера излегоа на референдумот и дадоа поддршка за интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО преку Договорот со Грција, им даваат целосен легитимитет на институциите да продолжат со имплементација на обврските кои произлегуваат од Договорот. Собранието од денеска ја презема обврската околу целиот процес, а одлуката е натпартиска и нешто што е во интерес на сите граѓани на земјата.

Ова го порачаа денеска на прес-конференција во Владата вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

– Имавме консултативен референдум како инструмент да се определи политичката волја на граѓаните. Тој инструмент се рефлектира преку бројот на гласови, кои се добиени од страна на гласачите – 661 илјада гласа, а 606 илјади „за“ и таа бројка им дава целосен легитимитет на институциите да продолжат со имплемтанција од обрвските од овој меѓународен договор. Имаме целосен легитимитет институциите уште од денеска да продолжат со имплементација на договорот – рече Османи.

Според него, прашањето на цензусот не е поврзано со прашањето на референдумот. Нагласи дека Македонија имала проблеми со цензусот и претходно и ги спомена претседателските избори, нагласувајќи дека тогаш цензусот морал да биде спуштен на 40 отсто.

– Со мнозински изразената волја за европска Македонија пратениците во Република Македонија немаат друга опција, освен да ги следат гласовите на мнозинството со цел државата да го забрза членството во НАТО и ЕУ – рече Шекеринска.

Нагласи дека сите политички партии треба да се обединат и да работат на оваа заедничка цел и додаде дека клучно е настрана да се остават поединечните и партиските интереси и во фокусот да се стави заедничкиот интерес.

– Ова е време кога на Македонија и потребно заедништво. Од една страна е Македонија во ЕУ и НАТО, од друга е изолација и неизвесност на нашата татковина – рече Шекеринска и додаде дека другата преостаната алатка се предвремени парламентарни избори и тоа веднаш.

Таа напомена дека во текот на оваа недела ќе се одржуваат средби со сите политички фактори со цел да се направи проценка дали постои можност за обезбедување двотретинско мнозинство.