Годинашниот Куп ќе се игра пред публика во салата во СРЦ „Кале“ во Скопје, која ќе биде најмногу 50 отсто исполнета

КОШАРКА – КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“

Купот на Македонија во кошарка во машка (осум екипи) и во женска конкуренција (четири екипи), кој од претходната сезона го носи името „Благоја Георгиевски-Буштур“ во чест на легендата на македонската кошарка, ќе се игра од денеска до недела во СРЦ „Кале“ во Скопје. МЗТ Скопје во машка и Баскет КАМ во женска конкуренција ги бранат трофеите од лани. За разлика од минатата година, кога се играше пред празни трибини поради ковид-19, годинашната завршница, 29-та по ред, ќе се игра пред публика во салата, која ќе биде најмногу 50 отсто исполнета.
– Можам да кажам дека Купот е специфичен, оти не секогаш победува фаворитот. Во четврт-финалето играме со Гостивар, кој е квалитетна екипа. Ќе мора пристапот да ни биде сериозен, да дадеме сѐ од себе и се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе извојуваме победа – изјави кошаркарот на МЗТ Скопје и на репрезентацијата, Дамјан Стојановски.
Победникот од мечот Гостивар – МЗТ Скопје во полуфиналето ќе игра со подобриот од мечот Феникс – Работнички. Победниците од четвртфиналните двојки ТФТ – Пелистер и Еуро Никел 2005 – ФМП ќе се сретнат меѓу себе во полуфиналето. Во женска конкуренција во полуфиналето ќе играат Баскет КАМ – Вардар и Бадел 1862 – Струга 2009.
– Во претходниот период имавме многу проблеми со ковид-19, како и повредени кошаркарки, но се надевам дека девојките ќе дадат сѐ од себе за да го одбраниме трофејот. Сезонава е квалитетна, па затоа и завршницата од Купот ќе биде многу интересна и неизвесна – рече тренерот на Баскет КАМ, Јордан Цветановски.


РАСПОРЕД

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ, МАЖИ, ДЕНЕСКА
1. Пелистер – ТФТ 12.00 ч.
2. МЗТ Скопје – Гостивар 14.30 ч.
3. Работнички – Феникс 2010 17.00 ч.
4. Еуро Никел 2005 – ФМП 19.30 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ, ЖЕНИ, УТРЕ
Бадел 1862 – Струга 2009 12.00 ч.
Баскет КАМ 2011 – Вардар 14.30 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ, МАЖИ, УТРЕ
Победник 1 – Победник 4 17.00 ч.
Победник 2 – Победник 3 19.30 ч.
в недела се финалињата, од 17 часот за жени, а од 19.30 часот за мажи