Во пријателската атмосфера и со акцент на продлабочување и интензивирање на веќе воспоставената соработка во изминатите години поминал Вториот состанок на четвртата работна група за продлабочување на билатералната соработка меѓу владите на Македонија и на Бугарија во делот на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот.
Ова беше посочено на заедничката прес-конференција по средбата, од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование и наука на Бугарија, Николај Денков.
– Имаме навистина многу голем напредок, но она што веќе е една воспоставена долгогодишна соработка меѓу двете земји. Со секој изминат состанок ние тоа го заклучуваме дека соработката во полето на образованието и културата е навистина голема меѓу двете земји и таа само се интензивира на полиња кои што досега или не биле опфатени или на полиња кои досега сме сметале дека сме постигнале одреден напредок – изјави Костадиновска Стојчевска.
Сето она што се договара во работните средби на овие групи, Костадиновска Стојчевска нагласи, дека е во контекст на договореното меѓу премиерите, но и дека со секоја работна средба одат и чекор понатаму во интензивирање и продлабочување на соработката.
Заеднички е, посочи Костадиновска Стојчевска, заклучокот дека досега во културата се реализирани повеќе проекти и иницијативи и дека оваа соработка треба да продолжи, но и да се интензивира, за што ќе придонесе и потпишувањето на новата програма за соработка меѓу двете министерства, за периодот 2022-2025 година, на која веќе се работи.
– Во меѓувреме треба да се реализира договорената соработка меѓу Националната галерија на Северна Македонија и Државниот културен институт во Бугарија. Продолжува плодната соработка меѓу Националната опера и балет и оперските куќи од Варна и Бургас, а особено е значајно продолжувањето на соработката на Археолошките музеи – изјави Костадиновска Стојчевска.
Во полето на образованието на средбата, Костадиновска Стојчевска, рече дека било разговарано и за соработка во областа на образованието и науката во двете држави, за соработка во програмата Ерезмус, за проекти од мешовити научни екипи, како и за одржување заеднички состанок на ректорите од Универзитетите од двете земји.
По отворањето на авионската линија Скопје-Софија и обратно, Костадиновска Стојчевска, посочи дека претставниците од ресорот туризам веќе преземаат активности за потпишување меморандум за соработка меѓу Министерството за туризам на Бугарија и Министерството за економија на Македонија.
Во ресорот за млади и спорт, како што посочи Костадиновска Стојчевска, работната група исто така, предвидува двете страни да изработат и потпишат меморандум за соработка, на што веќе се работи.
Министерот за образование и наука на Бугарија, Николај Денков, по средбата, изрази благодарност за пријателската атмосфера, која што, како што посочи, овозможила да направат голем чекор напред во конкретните активности во следните месеци.
– Разгледуваме конкретни проекти кои сакаме да ги реализираме во следните месеци. Искуството на Бугарија во Еразмус програмата ќе помогне на нашите пријатели и колеги да бидат поуспешни. Имаме и заеднички научни програми, во различни области каде што колективи и од двете земји прават истражувања – изјави Денков.
Во однос на програмата Еразмус, Денков посочи дека откако ќе се потпише меморандумот меѓу двете агенции, веднаш ќе почне планирањето на активности за размена на студенти и професори.
Во областа на младите и спортот, посочи Денков, имаме што да научиме едни од други, посочувајќи дека во Бугарија биле забележани успесите на Северна Македонија во последните години.
– Ќе помагаме во се, каде што можеме, имајќи го во предвид нашето поголемо искуство во контактите со ЕК. Јас сум убеден дека, исто така, ќе научиме и многу од вас – изјави Денков.