Предлог-измените на Законот за минимална плата поминаа на собраниската Комисија за труд и социјална политика. Не беа прифатени амандманите од опозицијата за усогласување на останатите плати со минималната.
Со предлог законското решение, според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, се реализира даденото ветување и се подобрува животниот стандард на работниците.
– Сите овие решенија се во интерес на заштита на семејниот буџет на секое семејство и подобрување на економскиот статус на работникот. Обезбедуваме соодветен модел на усогласување на висината на минималната плата, како и зголемување на истата, од март оваа година. Зголемувањето на минималната плата ја наметна потребата и за обезбедување на одредено ниво на финансиска поддршка за работодавачите за исплата на минималната плата – истакна Тренчевска.
Според опозицијата, нема никаква пречка да се прифатат амандманите. Од власта ги одбија амадманите со образложение дека другите плати ќе се уредуваат со други акти.
– Предмет на овој закон е уредувањето на минималната плата. Висината на платите не е предмет на уредување во овој закон. Дополнително со амадманот се нарушува социјалниот дијалог којшто за оваа влада е многу значаен – истакна министерката Тренчевска.
Со предлог измените на Законот за минимална плата направена е и промена на критериумите за годишното усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот.
Исто така, висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година. Предлог измените предвидуваат и финансиска помош од буџетот на Македонија за периодот март-декември 2022 година, за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата.