Врховниот суд по повод донесената пресуда по предметот за судијата Владимир Панчевски информира дека ја укинал пресудата на Апелацискиот суд Скопје, поради сторени повреди на одредбите на Законот за кривичната постапка во однос на неодржување на јавна седница пред Апелацискиот суд, иако тоа го барал обвинетиот во изјавената жалба.
– Врховниот суд по повод донесената пресуда по предметот Квп2 177/2021 од 09.02.2022 година ја информира јавноста дека ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.746/2020 од 14.07.2021 година, поради сторени повреди на одредбите на Законот за кривичната постапка во однос на неодржување на јавна седница пред Апелацискиот суд, иако тоа го барал обвинетиот во изјавената жалба, со што е сторена повреда на член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права. Апелациониот суд бил должен да ја следи судската пракса на Врховниот суд, како и да ги почитува и применува одлуките на Европскиот суд за човекови права – се наведува во денешното соопштение од Врховен суд.
Имајќи ги предвид основните принципи врз кои се темели кривичната постапка, како и прифатените стандарди на Европскиот суд за човекови права, Врховниот суд на Македонија, како што стои во соопштението, има донесено заклучок од 7 декември 2021 година за одржување јавна седница пред второстепен суд, кој е и достапен на веб-страницата на судот дека: „по предметите што во судот се заведени по поднесена жалба, а кои се водат по обвинителен предлог, второстепениот суд е должен да ги достави поднесоците од едната страна на увид и на одговор на другата страна заради почитување на принципот на „еднаквост на оружјата“, а јавна седница ќе се одржи доколку е истакнато барање за јавна седница во жалбата, или во одговорот на жалбата“.
– Ваквиот начин на постапување е во согласност со јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права изразен во повеќе одлуки на Врховниот суд и тоа: Квп1.бр.81/2016 од 18.10.2016 година, Квп1.бр.183/2015 од 01.02.2017 година, Квп1.бр. 68/2016 од 1.2.2017 година, Квп2.бр.22/2019 од 18.06.2019 година, Кзз.бр.17/2019 од 11.07.2019 година, Квп2.бр.25/2021 од 08.11.2021 година и Квп2.бр.119/2021 од 15.12.2021 година.
Оттука, на овој начин се запазува конзистентност во постапувањето, со доследна примена на конвенциското право и меѓународно прифатените стандарди за човекови права, а во насока на обезбедување на правна сигурност и јакнење на довербата на јавноста во правосудниот систем.
Согласно судската пракса на Европскиот суд за човекови права од државата се бара да обезбеди на сите лица во судски постапки да ги уживаат пред тие судови гаранциите содржани во член 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Воедно, ваквиот начин на постапување е изразен во бројни одлуки на Европскиот суд за човекови права меѓу кои Атанасов против Република Македонија.
Во секој случај, преку начелото на јавно судење и можноста која му се дава на обвинетиот да даде исказ пред Апелацискиот суд се остварува и целта за гарантирање на правото на одбрана на обвинетиот Тирс и други против Сан Марино – се наведува во соопштението.
Со оглед на наведеното, како што посочуваат од Врховниот суд, остварувањето на правичноста на постапката претставува централен фактор во процесот на одлучување на судовите во решавањето на предметите, меѓу кои и погоре наведениот.
– Коментарите, изјавите и критиките, се дел од секое современо, демократско општество, меѓутоа тоа не смее да ја засени одговорноста за зачувување на независноста и непристрасноста на судството, за постапување во согласност со законите, како и со меѓународните инструменти и стандарди, што наметнува обврска на сите институции, како и на општеството во целина. Јавноста, како и медиумите имаат важна улога во зачувување на независноста и непристрасноста на судството и на принципот на владеење на правото, што претставува неопходен предуслов за зачувување на довербата на јавноста во судството – се вели во соопштението од Врховниот суд.
Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот суд во Велес и на Апелацискиот суд во Скопје, со кои порашниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски беше осуден на затворска казна заради злоупотреба на системот за распределба судски предмети АКМИС.
Директорот на затворот „Скопје“ Филип Андов за МИА потврди дека со одлука на Врховен суд предметот се враќа на повторно судење и на Панчевски му се укинува затворската казна. Панчевски денеска беше пуштен од затворот „Скопје“.
Порашниот претседател на скопскиот Кривичен суд на 3 февруари годинава почна да ја издржува затворската казна, беше осуден од судот во Велес на три години и шест месеци затвор, а потоа скопска Апелација му ја скрати на две и пол години.
Владимир Панчевски е осуден е бидејќи во периодот од 2013 до 2016 година, како претседател на Кривичниот суд, рачно доделувал предмети кај подобни судии, а не преку АКМИС системот. Распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаја на Специјалното јавно обвинителство.