Финалистите во Лигата на шампионите ќе добијат вкупно 10.000 влезници, тие во Лига Европа 8.000, а во Лигата на конференциите и во женската Лига на шампионите вкупно 6.000 билети. УЕФА ја замрзна цената на билетите за следните три финалиња во ЛШ од категориите три и четири. „Навивачите се составен дел од развојот на фудбалот и мораме да се погрижиме најверните симпатизери да можат да патуваат и да присуствуваат на историските моменти за нивните тимови по пристапни цени“, изјави Чеферин

ФУДБАЛ

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, објави дека на навивачите на финалистите во годинашните клупски натпреварувања ќе им биде понуден значителен број бесплатни билети како знак на благодарност за нивната поддршка за време на пандемијата и кризата со ковид-19. Финалистите во Лигата на шампионите (ЛШ, мечот ќе се игра во Санкт Петербург) ќе добијат 10.000 влезници (5.000 по клуб), во Лига Европа (ЛЕ, во Севилја) вкупно 8.000 (по 4.000 по клуб), во Лигата на конференциите (ЛК, во Тирана) и во женската ЛШ (во Торино) по 6.000 билети (3.000 по клуб).
Клубовите финалисти ќе можат да им ги поделат билетите на своите најверни навивачи (на иматели на сезонски билети со најдолг стаж, на оние што присуствувале на најмногу гостински натпревари итн.), но билетите не може да им се дадат на спонзори, партнери или на официјални лица на клубот. УЕФА, исто така, одлучи да ја замрзне цената на билетите за следните три финалиња во ЛШ, во 2022, 2023 и 2024 година, од категоријата четири (70 евра) и од категоријата три (180 евра). Од УЕФА истакнуваат дека се целосно свесни за моментната инфлаторна ситуација, особено во однос на билетите за спортските настани, кои претрпеа значителни поскапувања во претходните неколку години. УЕФА ќе ги сноси сите трошоци поврзани со оваа еднократна иницијатива и нема да влијае врз распределбата на парите за клубовите што ќе им следуваат.

– Фудбалските навивачи се крвотокот на играта и мислевме дека ова ќе биде добар начин да ги препознаеме тешкотиите што тие ги доживеаја во последните две години и како, сепак, успеаја да навиваат за своите тимови и да ја живеат својата страст дури и надвор од стадионите. Навивачите се составен дел од развојот на фудбалот и ние мораме да се погрижиме најверните симпатизери да можат да патуваат и да присуствуваат на историските моменти за нивните тимови по пристапни цени – изјави Чеферин.
Агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) објави дека од документацијата што ја добила на увид најскапите билети ќе се зголемат од ланските 600 на 690 евра, а цените од категоријата два ќе скокнат од 450 на 490 евра. УЕФА треба да ги потврди цените на сите билети во март.