Марко Одермат освои злато, а Словенецот Жан Крањец сребро и стана вториот Словенец што освоил сребрен медал на ЗОИ, по Јуре Франко во 1984 година во Сараево

ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ – ВЕЛЕСЛАЛОМ, МАЖИ

Марко Одермат, „ракетата“ од Швајцарија, кој сезонава доминира во Светскиот куп (СК) (победи на четири од петте трки во велеслалом и еднаш беше втор), докажа дека моментално е најдобриот скијач на светот во оваа дисциплина, освојувајќи го првиот златен олимписки медал, во велеслалом, на Игрите во Пекинг, во лоши снежни услови и со магла на патеката. Ова беше трет медал за Швајцарија во алпско скијање во Пекинг, по она на Лара Гут-Бехрами во велеслалом и на Беат Фојц во спуст.
– Ова е неверојатно. Беше тежок ден, во услови на долго чекање помеѓу двете трки. Имав многу време да размислувам за сѐ, ми беше тешко да останам фокусиран, дури се обидов и да отспијам неколку минути! Всушност, никогаш не сонував за тоа, но сега чувствувам како ова да е сон. Ризикував сѐ во второто возење оти не сакав само медал, го сакав златниот. Тешко е затоа што може да се изгуби сѐ, но овој пат се исплатеше – изјави Одермат (24) по трката.
Словенецот Жан Крањец по првото возење беше осми, со мали шанси за медал, но во второто возење беше одличен, даде сѐ од себе и го освои среброто. Најдобриот резултат на Крањец во велеслалом во СК сезонава му беше третото место во Зелден, но потоа не успеа да се пласира повисоко од 10-то место. Тој е вториот Словенец што освоил сребрен медал на ЗОИ, по Јуре Франко во 1984 година во Сараево.

– Сè уште не ми е сѐ јасно. Во Пјонгчанг 2018 бев четврти, така што и не очекував дека имам уште една шанса да освојам медал. По првото возење си реков дека можеби е готово, оти немам шанси. Но во второто возење беше навистина добро. Моето семејство, пријателите ме поддржаа, веруваа во мене. Знам дека слават токму сега – изјави пресреќниот Крањец.
Актуелниот светски шампион во велеслалом, Французинот Матје Февр, ја освои бронзата, прв олимписки медал за него.
– Беше тежок, нервозен ден, долго чекавме. Не се чувствував добро во второто возење, но го завршив денот со олимписки медал и многу сум среќен. Ќе уживам во тоа со тимот и со пријателите, без нив, без мојот сервисер, немаше да успеам – изјави Февр.
Еден од фаворитите за медал, Норвежанецот Хенрик Кристферсен, освојувачот на сребрен медал во оваа дисциплина во Пјонгчанг во 2018 година и светски првак во 2019 година, направи голема грешка и заврши на осмото место.