Повторно прашуваме кој гарантира дека нема да има нови барања? Хипотетички, Софија по внесувањето на Бугарите во Уставот може да побара колективни права за нив, во смисла да ги изучуваат бугарскиот јазик и историја во македонските училишта. Бугарската политика кон Македонците е дојдена до таков апсурд, што верувам дека еден ден ќе побараат од нас да имаат и екстериторијална јурисдикција во Македонија над оние наводни 150.000 Бугари
Во светската историја на меѓународното право со големи букви е запишано дека под капитулација се подразбира секој договор со кој една држава ѝ дозволува на друга држава да врши екстериторијална јурисдикција над своите државјани на нејзината територија. Внимавајте! Не говориме за терминот капитулација под кој се подразбира предавство под услови што ги поставува победникот, туку за нешто подмолно и потајно.
Кога говориме за капитулација, мислиме на оние привилегии што муслиманските држави, особено Османлиската Империја, им ги доделувале на христијанските европски држави. Во почетокот договорите ја регулирале економската сфера, но кога рамнотежата на силите започнала да се менува во полза на западноевропските држави, капитулациите биле злоупотребени за да се добијат политички привилегии за европските поданици. На крајот, капитулациите станале инструменти на европската империјалистичка експлоатација.
Да направиме мала дигресија. На 1 август 2017 година беше потпишан Договорот за пријателство и добрососедство помеѓу македонската и бугарската влада. Во Скопје, на договорот многумина гледаа како на мост што ќе овозможи започнување на преговорите со Европската Унија. Мора да бидеме објективни, македонската страна во ниеден момент не го прекрши договорот.
И што се случи? Македонија потпиша еден друг договор во Преспа и официјална Софија започна да ги негира македонските национални особености. Верувам дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, бугарската политичка и општествена елита започна да го восприема македонско-бугарскиот договор како „лош“ за интересите на Софија. Затоа со сите средства и го прекрши договореното.
Во меѓувреме, Софија излезе со предлогот 5+1 (сега веќе 4+1), со кој од македонската страна се бара дека Северна Македонија е исто како и Република Северна Македонија (веќе решено), немешање во внатрешните работи и малцинските права, Комисијата за историски и образовни прашања да испорачува и да спроведува решенија, осуда на активностите на комунистичката власт врз бугарската етничка заедница, како и внесување на Бугарите во македонскиот устав. Очигледно е дека станува збор за нов договор под диктатите на Софија.
И во минатото сме пишувале за контроверзноста на овие барања, тука би посочиле на една друга апсурдност. Факт е дека Бугарија го прекрши договорот! Затоа е здраворазумно да се постави прашањето: Кој гарантира дека Бугарија нема повторно да ги прекрши своите ветувања? Не постојат никакви гаранции дека во иднина бугарската политичка елита нема да испорачува нови барања и сѐ така до бесконечност.
Да говориме хипотетички, можеби македонската страна ќе изнајде консензус и ќе ги внесе Бугарите во македонскиот устав. Повторно прашуваме, кој гарантира дека нема да има нови барања? Хипотетички, Софија по внесувањето на Бугарите во Уставот може да побара колективни права за нив, во смисла да ги изучуваат бугарскиот јазик и историја во македонските училишта. Бугарската политика кон Македонците е дојдена до таков апсурд, што верувам дека еден ден ќе побараат од нас да имаат и екстериторијална јурисдикција во Македонија над оние наводни 150.000 Бугари.
Кога македонската политичка елита ќе се охрабри? Прашуваме: Дали тоа ќе биде кога ќе побараат Бугарите од Македонија да бидат под судска јурисдикција на Бугарија? Натаму оди работата! Или малку, по малку ќе го изгубиме суверенитетот над македонската територија, како Османлиската Империја во минатото.
Мора да разбереме дека постојаните нови бугарски барања никогаш нема да престанат. Софија вешто ги користи овие барања како гореспомената капитулација, на крајот постојаните ултиматуми можат да станат (ако не се веќе) инструменти на бугарската националистичка асимилаторска политика кон Македонците и еден ден Македонија ќе стане втора бугарска држава.