Мечот Лос Анџелес рамс – Синсинати бенгалс ќе се игра во Лос Анџелес, по осми пат, втор пат по ред на стадионот на домашниот тим, откако лани домаќин беше Тампа Беј баканирс, кој ја освои титулата

СУПЕРБОУЛ, ФИНАЛЕ

Во финалето на 56. Супербоул-натпревар во НФЛ-лигата (американски фудбал), в понеделник рано наутро, по средноевропско време, ќе се сретнат Лос Анџелес рамс и Синсинати бенгалс. Мечот ќе се игра во Лос Анџелес, по осми пат, втор пат по ред на стадионот на домашниот тим, Рамс, откако лани домаќин беше Тампа Беј баканирс, кој ја освои титулата.
За Рамси, кој ќе игра за втората титула (првата ја освои во 1999 кога седиштето на клубот беше во Сент Луис), ова ќе биде петто супербоул-финале. Бенгалси, пак, ќе атакува на првата титула во третото финале и на трофејот „Винс Ломбарди“, кој тежи седум килограми и чини околу 50.000 долари. Најевтиниот билет за овој меч беше 6.600 долари, а најскапиот достигна 104.400 долари!
Њу Ингланд патриотс може да се пофали со најмногу настапи во Супербоул (11), а Питсбург стилерс со осум. Двата тима се најуспешни со по шест титули. Том Брејди, кој неодамна се пензионира, поседува рекордни седум прстени со вкупна вредност од 2.414.489 долари!
Годинава членовите на победничкиот тим ќе добијат по 150.000, а на поразениот по 75.000 долари. Шампионскиот супербоул-прстен чини минимум 35.000 долари. За ТВ-рекламен спот од 30 секунди годинава се плаќаше седум милиони долари, што е повеќе од ланските 5,5 милиони. Повеќето реклами се однесуваат на автомобили, патувања и на врвна технологија.
Спортско-забавната традиција на полувремето на Супербоулот, годинава ќе ја води легендата на хип-хоп музиката, д-р Дре, на која во редок настап во живо ќе му се придружат четири суперѕвезди на кои тој им помогнал го кариерата: Снуп Дог, Еминем, Мери Џеј Блајџ и Кендрик Ламар.